X
 16.09.2019 Култура

На „Браќа Манаки“ одржани средби со големите филмски имиња: Алкаине, Џим Шеридан и Љупчо Константинов

По свеченото отворање на јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, вчера имаше средби со големите филмски имиња, како кинематограферот Хозе Луис Алкаине и ирскиот режисер и сценарист Џим Шеридан. Исто така, се одржа разговор со добитникот на наградата на ДФРМ - „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов.

Програмата на фестивалскиот ден започна со прес-конференција со Хозе Луис Алкаине, кинематограферот кој соработува со Педро Алмодовар, чиј филм „Болка и слава“ беше прикажан на отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

- Тој е еден од најголемите не само шпански, туку и светски кинематографери. Навистина е привилегија што повторно сте гостин на ИФФК „Браќа Манаки“ - рече Благоја Куновски Доре, уметнички директор на фестивалот и селектор на главната програма при претставувањето на Алкаине.

„Слава и болка“ е ново дело на Алмодовар и како и секогаш тој работи со маестро Алкаине. Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето е во самиот стан, кој бил трансформиран во студио.

1

- Многу е чудно бидејќи пред „Болка и слава“ работев на филмот „Сите знаат“, кој беше во режија на Фархади. Таму имаше 10 главни ликови. Обично кај Фархади има еден, но сега беа повеќе главни ликови, така што имав осум актери во кадарот. Во тој филм многу играв со висока дијафрагма и на тој начин добивавме многу важна длабочина на сликата, така што кога сите се во кадарот - сите беа во фокус. Тоа е чудно во модерната филмографија, може да имате фокус на сите ликови на екранот. Со Алмодовар не зборувавме премногу за филмот. Си кажавме само две реченици. Разговараме за животот додека вечераме, не разговаравме за филмот. Најдовме добар начин на соработка - раскажа Алкаине.

За кинематограферот, филмската нарација е неопходна за да се прочита филмот.

- За ова, многу е важен разговорот меѓу Франсоа Трифо и Хичкок. Хичкок вели дека два месеца пред да се почне со снимање тој веќе го снимил, сè му е во главата. Тоа сигурно било вистина за неговите филмови, но филмот постојано се менува, тоа е флуиден процес и има свој живот, па може да тргне во еден правец или во друг. И затоа начинот на кој Хичкок размислува е невозможен. Тоа е начин на следење на редоследот на книгата на снимање, но јас сметам дека тоа не е начинот на кој треба да се прават филмовите. Мора да бидеме отворени за што било во текот на снимањето - рече Алкаине.

Според него, може да видиме многу филмови кои се прекрасни за гледање, но фотографијата не ја раскажува приказната, дури оди во спротивност од самата нарација. Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле.

На почетокот на разговорот, модериран од Стојан Синадинов, со еден од најеминентните македонски композитори на филмска и театарска музика, Љупчо Константинов, тој истакна дека се радува што гледа дека има заинтересирана публика за вакви манифестации и дека новиот технолошки развој не ја уништил уметноста.
- Ме радува дека уште не е дојден крајот - рече тој.

2

- Се согласувам со она што го кажале и некои големи автори на филмската музика, дека најтешко за композиторот е да дојде до темата и тоа одзема најмногу време - рече Константинов, кој ја напишал музиката за филмови како „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Преку езерото“ и многу други. Работата со секој режисер е различна. Некој ме пушта самиот да ја поставам музиката, друг пак самиот одредува за која сцена сака музика. Иако тоа не функционира секогаш така, бидејќи музиката најавува дека нешто ќе се случи или е реминисценција на дејство или чувство.

Константинов рече дека без оглед на сè, компромис во уметноста не треба да се прави. - Од целото мое досегашно искуство, знам дека најлошо е да се прави компромис - рече тој.

Тој раскажуваше како некаде кон крајот на шеесеттите години, како младо момче, се заинтересирал за музиката кога во Охрид почнал да свири на гитара и тоа било време кога и го засакал филмот.

- Човек мора постојано да се образова и надградува, на младата генерација сега ѝ е многу полесно. Порано беше тешко да се дојде до партитура, а сега сè е на интернет. Без оглед на сè, треба да се биде љубопитен и постојано да се експериментира.

3

Мастер-клас вчера одржа и светски познатиот режисер, сценарист и продуцент Џим Шеридан, чии филмови се ремек-делата „Моето лево стапало“ и „Во името на таткото“. Тој рече дека е изненаден од сериозноста на начинот на кој е организиран фестивалот.

- Ја разгледував програмата и забележав дека многу голем дел од филмовите што се селектирани да се прикажат се одлични.

ed

Тој говореше и за неговиот филм „Во име на таткото“, во кој се зборува за тоа како политиката и црквата ги разделуваат семејствата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура