Наградата ќе ѝ биде врачена на македонската актерска дива на отворањето на 39. фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, на 22 септември
Филмската и театарска актерка Милица Стојанова е добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија. Признанието ќе ѝ биде врачено на отворањето на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, на 22 септември. Одлуката беше соопштена денеска на прес-конференција на големиот фестивал.
- Во 60-годишната професионална актерска кариера, 86-годишната Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски, а најчесто играла лик на мајка - рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФПМ, јави МИА.
Добитници на наградата „Голема ѕвезда“ досега биле македонските автори Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, како и британскиот продуцент Сајмон Пери, кој има значаен придонес во македонскиот филм.
- Тоа се звучни имиња кои силно блескаат зад филмското платно. Оваа година се одлучивме за исчекор и да ѝ доделиме награда на една легендарна македонска актерка - рече Иванов.
Стојанова се појавува токму во филмовите на претходните лауреати на оваа награда, Ценески и Манчевски, како и во филмовите на Столе Попов, („Исправи се, Делфина“, Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Прашина“...), а и покрај нејзината возраст, таа сѐ уште работи и беше дел од краткиот филм „Види ја ти неа“, кој неодамна освои награда на фестивалот „Санденс“.
Иванов рече дека тоа што Стојанова немала главни улоги се должи на положбата на жената во целата македонска кинематографија, особено кога била во своите најдобри години.
- За жал, нашите филмови се 90 отсто со историска тематика каде што мажите водат некакви војни, а жените, според сценаријата, се принудени да бидат мајки или некакви за жалење теткички. Но, Милица Стојанова има остварено многу улоги и сите тие се значајни. Тоа што оваа македонска дива ќе биде со нас во Битола на 86-годишна возраст, по 60 години присуство на филмското платно, е голема работа - истакна претседателот на ДФПМ.
Откри и малку познат податок дека Стојанова го позајмувала својот глас на речиси сите српски и хрватски актерки што се појавувале во македонските филмови.
Нешто помалку од сто наслови во веќе препознатливите програми и понекоја нова, под слоганот „Симнуваме капа“, најави директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.
Уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, ги најави 12. филма што ќе бидат во главната програма. Шест од нив се од Канскиот фестивал, по два од Берлин и од Венеција, а има и од Карлови Вари.
За документарната програма се погрижија Марија Џиџева и Теодосиевска, а за кратките филмови – режисерите Марија Апчевска и Даријан Пејовски.
На отворањето, на италијанската дива Клаудија Кардинале ќе ѝ биде врачена специјалната „Златна камера 300“.
Во главната програма за трите награди „Камера 300“ за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
Фестивалот во Битола на 22 септември ќе биде отворен со новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи. Првата фестивалска вечер ќе продолжи со проекција на „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, кој токму за овој филм доби „Оскар“.
Во чест на Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“. По неодамнешната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат на ИФФК пред две години, а почина во јуни годинава.
Фестивалот ќе заврши на 29 септември со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД.
Во програмата документарни филмови, ќе има осум филма, меѓу кои новиот филм на Вим Вендерс - интригантен филмски портрет на папата Франциск, ЦЕРН - филм за врската меѓу убавината и науката, „Крв и песок“ со дискусија за мигрантската криза...
Седум филма ќе има во програмата „Перспективи на европскиот филм“ во селекција на Слаѓан Пенев, а во ревијалната програма „МК поинт“ во селекција на Ана Василевска ќе има 20 филма - кратки, документарни и анимирани од македонската продукција.