За некои работи е поголема веројатноста да се случат во нашите соништа. Истражувачи го анализирале „просечниот“ сон и еве што откриле.
И вечерва, како и секоја вечер, ќе сонувате. И како и секоја вечер, постојат многу можности за тоа што ќе ви се случи кога ќе ги затворите очите. Веројатно чудни работи.
Сепак, постојат некои работи за кои е поголема веројатноста да се случат во споредба со други.
Базата на податоци за сонот и спиењето е дигитална колекција на десетици илјади извештаи за сонувањето и сонот од разни места во светот.
Научниците ја анализирале зачестеноста на различни категории зборови во овие извештаи за да откријат како би изгледал просечниот сон на човекот. Тие откриле дека луѓето делат еден ист сон.
Прво добрите вести. Храната за која е најголема веројатноста дека ќе се појави во вашиот сон е чоколадото. Најчеста боја во соништата на голем број луѓе е белата. Најчестата локација е улицата, а најчестата форма на транспорт е автомобил.
Личноста за која е најголема веројатноста да се појави во вашите соништа е вашата мајка, додека најчесто животно што луѓето го сонуваат е куче.
Најчесто социјалните интеракции во соништата се пријателски.
Но, најверојатната емоција со која ќе се соочите во сонот е стравот. Доколку во сонот се појави некакво натприродно суштество, најголема е веројатноста тоа да биде чудовиште, а веднаш по него се духови, зомбија и вонземјани. Паѓањето е поверојатно да го „доживеете“ во сонот отколку летањето, додека најчестиот природен елемент е водата.
Помала е веројатноста сексот да игра некаква улога отколку парите, додека пијалакот за кој најмногу размислувате во спиењето е кафето.
Фото: Freepik