„Златниот час“ помеѓу 22 и 23 часот можеби е најдоброто време за легнување за да се заштитите од проблеми со срцето и мозочен удар, велат научниците.
Истражување на Универзитетот во Ексетер покажало дека легнувањето по полноќ може да го оштети срцето, бидејќи помала е веројатноста дека овие луѓе ќе ги видат утринските сончеви зраци, а тоа би можело да го наруши природниот циклус на телото.
Во истражувањето учествувале повеќе од 88.000 Британци на возраст меѓу 43 и 74 години. Учесниците носеле мерачи околу зглобовите кои го снимале времето на одење в кревет и будење една недела, а исто така одговарале на некои прашања за нивниот начин на живот.
Овие податоци биле споредени со медицински записи од повеќе од пет години кои детално ги опишувале случаите на срцеви заболувања, срцеви напади и мозочни удари.
Резултатите од студијата покажале дека најмал ризик од срцеви заболувања имале оние луѓе што легнувале меѓу 22 и 23 часот секоја вечер.
Фото: Freepik
Од друга страна, луѓето што легнувале по полноќ имале 25 отсто поголеми шанси да имаат проблеми со срцето. Исто така, легнувањето пред 22 часот е поврзано со 24 отсто поголем ризик, додека 12 отсто поголем ризик од срцеви заболувања бил забележан кај луѓето што легнале помеѓу 23 часот и полноќ.
Истражувањето е објавено во „Јуропијан харт журнал“ со цел да ги охрабри луѓето да воспостават редовна рутина пред спиење, бидејќи тоа може да им помогне да спречат срцеви заболувања.
- Телото има 24-часовен таканаречен дневен ритам на спиење кој ги регулира физичките и менталните функции - вели Дејвид Планс, еден од истражувачите.
- Иако сè уште не можеме да утврдиме зошто е тоа така, истражувањето покажува дека легнувањето порано или подоцна може да го наруши ритамот на телото, што може да резултира со срцеви нарушувања и болести - додава тој.
Доволно количество сон е неопходно за нашето тело и неговата благосостојба, а се препорачува тоа да биде 7-9 часа на ден.
- Спиењето не е единствениот фактор што може да влијае врз здравјето на вашето срце. Важни се и начинот на живот, крвниот притисок и нивото на холестерол, одржувањето здрава тежина и редовното вежбање, како и намалениот внес на сол и алкохол, и здравата балансирана исхрана - се согласуваат истражувачите.
Извор:
Huffingtonpost.co.uk
Фото: Freepik