X
 08.08.2024 Живот

Запознајте ја најмладата натпреварувачка на Олимпијадата во Париз

Џенг Хаохао е родена на претпоследниот ден од Олимписките игри во Лондон, а со само 11 години стана најмладата кинеска олимпијка на сите времиња.

Таа се натпреваруваше во скејтбординг во Париз, каде нејзин конкурент беше британската тинејџерка Скај Браун.

Џенг постигна 63,19 поени и заврши на 18. место во првата рунда, па не се пласираше во финалето каде најдобра беше 14-годишната Австралијанка Арис Тру.

Кинезинката започнала да се занимава со скејтборд на 7-годишна возраст, а во Франција дошла како еден од најмладите учесници на Олимписките игри на сите времиња.

Оваа недела ќе има причина плус за славење со оглед на тоа што в недела ѝ е 12. роденден.

Спорт во кој децата го имаат главниот збор


Скејтбордингот донесе голем број млади натпреварувачи на Олимписките игри во Токио и Париз.

Освојувачите на сите три медали во женска конкуренција се тинејџерки, а 16-годишната Браун и 15-годишната Јапонка Кокона Хираки го повторија успехот и се искачија на подиумот, како и четири години претходно. Со 23 години, бразилката Дора Варела беше ветеран на Олимписките игри.

Но, дека скејтбордингот не е само за младите докажа и 51-годишниот Енди Мекдоналд, кој ја претставува Велика Британија во машка конкуренција. Мекдоналд освои осум златни медали на „Екс гејмс“ (светски натпревар во екстремни спортови) пред да се роди 11-годишната Џенг.

Џенг влезе во историјата како еден од најмладите натпреварувачи на Олимписките игри. Но, рекордот повеќе од 120 години го држи Димитриос Лундрас, грчки гимнастичар и официјално најмладиот олимпиец во историјата, кој како репрезентативец освои бронза во 1896 година, кога имал само 10 години.

Неговиот рекорд можеби го соборил момче за кое се верувало дека учествувало на Олимписките игри во Париз во 1900 година на возраст од седум или осум години и било член на холандскиот веслачки тим, но неговиот идентитет не е потврден.

Најмладата освојувачка на златен медал во историјата на Летните олимписки игри е Марџори Гестинг од САД, која го освои медалот во 1936 година во дисциплината нуркање од три метри кога имала само 13 години.

Иако Џенг не успеа да го собори овој рекорд, златото што би можела да го освои на Олимписките игри во Лос Анџелес за четири години може да биде совршен подарок за нејзиниот 16. роденден.

Извор: ВВС
Фото: World Skate
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот