Подводните лавини се моќни природни феномени кои постојано се случуваат. Невозможно е да се видат и се исклучително тешки за мерење. Нивните активности се обвиени во тајност, но можеме со сигурност да кажеме дека тие претставуваат голема закана за глобалните комуникациски мрежи и за постојано растечката мрежа на оптички кабли, кои практично го носат целиот глобален интернет-сообраќај по морското дно.
Последици од губењето на врските
Новата студија на истражувачите од Универзитетот во Ливерпул, објавена во списанието Наука“, фрла нова светлина на подводните лавини и може да го промени начинот на кој геолозите ги проценуваат потенцијалните ризици од овој природен феномен, на повеќе од 550 активни кабли со вкупна должина од 1,4 милиони км, доволно за 35 пати да ја обиколат Земјата.
Кога подморската лавина ги кине каблите на дното, последиците може да бидат скапи и да влијаат врз големи површини. Земјотресот во 2006 година што го погоди Тајван предизвика подводни лавини кои прекинаа многу од подводните кабли што ја поврзуваат Југоисточна Азија со остатокот од светот. Најголемиот интернет-оператор во Кина пријави 90 отсто загуба на сообраќајот кон САД, а прекинот на интернет-сообраќајот помеѓу Тајван и соседните острови беше помеѓу 74 и 100 отсто. Ова драстично го намали бројот на финансиски трансакции на глобалните пазари на капитал, а беа потребни 39 дена и милиони долари за да се поправи мрежата до полн капацитет.
Мапирање на подводните лавини
Добрата вест е што има толку многу кабли на морското дно, што е многу мала веројатноста слична подводна лавина да го исклучи интернетот во светот. А земјотресот во Тајван е пример како и по прекинот на примарната траса, барем дел од сообраќајот ќе може да се движи по алтернативен правец.
Меѓутоа, оваа лавина, која се движела по морското дно со брзина од 72 километри на час, била релативно мала во споредба со другите џиновски подводни лавини чии траги ги истражувале научниците од Ливерпул. Тие го мапирале уништувањето на огромна подводна лавина што се случила пред 60.000 години во близина на брегот на Мароко: таа патувала 400 километри низ најголемиот подводен кањон во светот, а потоа уште 1.600 километри преку дното на Атлантикот. Била висока повеќе од 200 метри, патувала со брзина од најмалку 54 километри на час и содржела доволно талог да наполни 140.000 фудбалски стадиони на Вембли. На крајот се проширила на површина со големина на Германија, која ја покрила со слој од песок и кал висок еден метар.
Геоопасен потенцијал
Клучниот наод на истражувањето е дека лавината започнала како мало лизгање на земјиштето, кое по патот пораснало стократно. Овој екстремен раст е многу поголем отколку кај копнените лавини, кои обично растат четири до осум пати и се мали во споредба со подводните. И ова го доведува во прашање конвенционалниот став дека големите лавини започнуваат кога ќе се урне голема падина.
Истражувањето покажува дека подводните лавини можат да започнат како мали и да прераснат во катастрофални настани со исклучителна сила на патот. И ова, велат истражувачите, го менува начинот на кој го проценуваме потенцијалот за геоопасност на овие феномени и ги наведува научниците повеќе да се фокусираат на патеката на лавината во иднина наместо на почетната зона на лизгање на земјиштето.
Постојат голем број потенцијални предизвикувачи за подводни лавини, вклучувајќи земјотреси, прилив, тајфуни, поплави на реки и вулкански ерупции. Климатските промени ќе ги направат некои од нив почести и поинтензивни. Нашето разбирање за подводните лавини е сè уште во зародиш, а понатамошните истражувања ќе обезбедат нови сознанија за тоа каде се појавуваат, како функционираат и колку моќни и деструктивни можат да бидат.
Извор: bug.hr
Фото:YouTube screenshot