Се сеќавате на „Предизвикот со ледена кофа“, односно „Ice bucket challenge“? Сите тие луѓе што се вклучија во предизвикот и оставија донации собраа доволно пари за да се развие нов третман за Лу-Гериговата болест.
Асоцијацијата АЛС изјави дека од виралниот предизвик биле собрани дури 2,2 милиона долари. Здружението ги вложило овие пари во истражување и развивање лек наречен АМХ0035, познат и како „реливрио“, кој штотуку беше одобрен од американската Администрација за храна и лекови.
Лу-Гериговата болест е болест во која пациентот постепено ги губи моторните функции и последователно умира. Според фармацевтската компанија која го произведува новиот лек, „Амиликс фармасутикалс“, лекот значително го забавува губењето на моторните функции кај пациентите. Тој не ја лекува болеста, но е добро решение за пациентите кои досега имале многу малку опции за третмани.
Сепак, критичарите велат дека истражувањето за лекот е избрзано и дека неговите ефекти не се толку добри како што се кажува. Освен тоа, производителот признал дека лекот ќе чини дури 158.000 долари годишно за пациентите и се очекува да им го зголеми животот на пациентите за околу 6 месеци.
Извор:
Futurism
Насловна фотографија: Pixabay