X
 03.12.2020 Здравје

Нови работи што ги научивме за коронавирусот минатиот месец

Се чини дека постојано учиме нови работи за коронавирусот и Ковид-19, болеста што ја предизвикува. Со коронавирусот досега се заразиле над 60 милиони луѓе, а бројот секојдневно расте. Вирусот е релативно нов за медицинскиот свет, па научниците постојано дознаваат нешто ново за неговите карактеристики. Само минатиот месец светот научи повеќе важни работи поврзани со коронавирусот, а ова се најважните.

Вакцините може да стигнат до крајот на 2020 година

Ноември се покажа како извонреден месец во поглед на трката за создавање вакцина против Ковид-19. Компаниите „Фајзер“ и „Модерна“ објавија дека клиничкото тестирање на нивните кандидати за вакцина било успешно. Овие компании во моментов ги очекуваат одобрувањата од страна на регулаторните тела во САД и Европа за итно користење на вакцините, а тоа значи дека некои луѓе веројатно ќе добијат вакцина во декември.

Дистрибуцијата на вакцините ќе биде предизвик, особено поради ниската температура на која треба да се чуваат. Според експертите во САД, поголемиот дел од жителите во оваа држава ќе се вакцинираат во април.

Рестораните и затворените простории се најризични места

Бројот на нови заразени случаи со коронавирусот расте низ светот, а ново истражување објавено во списанието „Нејчр“ минатиот месец покажа дека вирусот најмногу се шири во кафулињата, рестораните и фитнес-салите. Истражувањето било спроведено врз основа на податоци од мобилни телефони на жители на 10 големи града во САД. Истражувачите заклучуваат дека затворените простории, како рестораните и фитнес-салите, се главни места каде што се шири коронавирусот, барем кога станува збор за САД.

Сепак, експертите предупредуваат дека податоците што биле анализирани биле од пролетта, кога мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се разликувале од денешните. Други анализи покажуваат дека малите собири меѓу пријателите и семејството исто така придонесуваат за ширење на коронавирусот.

Шансите да заразите некого со Ковид-19 се најголеми во првите 5 дена по појавата на симптомите

Истражувањето објавено во списанието „Лансет“ во ноември покажува дека луѓето што имаат Ковид-19 се најзаразни во првите пет дена од појавата на симптомите. Овој период е пократок за луѓето што имаат слаби симптоми. Затоа, важно е луѓето што ќе забележат симптоми веднаш да се изолираат.

Автор: Кетрин Пирсон
Извор: huffpost.com
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје