X
 28.04.2024 Здравје

Еве што се случува ако престанете да го земате популарниот лек за слабеење

Оние што се борат со вишок килограми веројатно слушнале за „оземпик“, таканаречениот „лек за слабеење“. Лекот покажува добри резултати и набргу по неговото одобрување стана познат во целиот свет. Првенствено бил наменет за лица што боледуваат од дијабетес.

„Оземпик“ е развиен од фармацевтската компанија „Новонордиск“ и првично бил одобрен во голем број земји за третман на дијабетес тип 2. Неговата активна состојка семаглутид се врзува за хормонските рецептори кои го контролираат шеќерот во крвта, стимулирајќи го ослободувањето на инсулин кога нивото на гликоза е високо. Но, исто така, го намалува апетитот.

Се покажало дека може да им помогне на луѓето со проблеми со тежината да изгубат повеќе од 10 отсто од нивната телесна тежина во рок од 6 месеци, што е неверојатен резултат. Но, што ќе се случи кога човек ќе престане да го зема лекот, дали вишокот килограми ќе се вратат?

Кога ќе престанете да го земате лекот, тежината се враќа


Одговорот е - веројатно да. Имено, повеќето луѓе ја враќаат тежината по прекинот на семаглутидот.

- Тирзепатид или семаглутид може да ви помогне да го намалите масното ткиво. Сепак, ова не го решава вистинскиот проблем, односно причините за дебелината, бидејќи дебелината е хронична и сложена состојба. Кога ќе престанете да ги земате лековите, тежината се враќа. Лекувањето на високиот крвен притисок трае цел живот. Истото е и со дебелината. Лековите дејствуваат, но само додека ги земате - вели доктор Наташа Јејтс од Универзитетот „Бонд“ во Австралија.

Таа посочува да се гледа на „оземпик“ како на дел од третманот, што само по себе не е доволно, и дека заедно со земањето на лекот треба да се променат и другите животни навики.

Истражувањата покажуваат дека меѓу 6 отсто и 13,5 отсто од пациентите престануваат да го земаат лекот поради несакани ефекти. Но, тука е и проблемот со високите цени и честиот недостиг на пазарот. Затоа, важно е да се знае како да се постапи во случај на прекинување со „оземпик“.

Што се случува кога ќе престанеме да земаме лек за слабеење?

- Кога ќе престанете да користите тирзепатид или семаглутид, потребни се неколку дена, па дури и неколку недели за тие да го напуштат вашиот систем. Потоа повторно ќе почнете да чувствувате поголем глад. Шеќерот во крвта се зголемува бидејќи лекот повеќе не влијае врз панкреасот. Без разлика дали имате дијабетес или не, можеби ќе треба да јадете храна со низок гликемичен статус за да го стабилизирате шеќерот во крвта. Поголемиот дел од тежината што ќе ја добиете е сало. Додека сте биле на лекот, сте изгубиле помалку мускули отколку маснотии. Губењето мускули е неизбежно кога губите тежина, без разлика дали сте на лекови или не. Проблемот е што кога ќе престанете да го земате лекот, вашето тело претпочита да складира масти - објаснила таа.

Со оглед на тоа дека за дебелината има многу причинители, неопходно е да се сменат некои животни навики за да се спречи повторно таложење на несакани килограми. Јејтс советува многу квалитетен сон, вежбање, здрава исхрана и помали порции.

Извор: index.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје