X
 08.11.2019 Живот

Кина воведува полициски час за онлајн-игри за малолетници

На Кинезите не им е чудно властите да им забрануваат пристап до интернет, содржини за возрасни, странски веб-страници и апликации. Сега законите им помагаат и во контролата на децата и времето што го поминуваат онлајн. Најновите „препораки“ на кинеските власти се однесуваат на онлајн-игрите и се насочени кон сите даватели на вакви услуги во земјата.

Според новите правила, играчите помлади од 18 години повеќе не смеат да имаат пристап до онлајн-игрите во текот на ноќта, поточно помеѓу 22 и 8 часот. Но, тука не е крајот, државата одлучи да се погрижи, освен за квалитетен и долг сон, и за општо избегнување на зависност од игрите. Така, на сите малолетници ќе им биде ограничено времето поминато на онлајн-игри во текот на работните денови на 90 минути дневно. За време на викендот и за време на државните празници ќе може да се игра малку подолго, па дневното ограничување ќе биде три часа.

igra
Фото: SCMP


За малолетниците да не им ги потрошат платите на родителите на игри, Кина одлучи и за тоа да се погрижи. Новите правила воведуваат и ограничување на износот на пари што може да се додадат на онлајн-сметките поврзани со игрите. Така, на сите помлади од 16 години ограничувањето ќе биде поставено на околу 26 евра месечно, додека оние од 16 до 18 години ќе можат да вложат во игрите двапати повеќе. За помладите од 8 години, пак, целосно е забрането да се нудат услуги за наплаќање игри.

Како предуслов за сите овие забрани пропишано е и задолжително регистрирање на корисничките профили со целосно име на корисникот.

Од кинеските агенции одговорни за овие правила порачаа дека целта на новите прописи е да го исчистат интернет-просторот и да ги заштитат физичкото и менталното здравје на малолетникот.

Инаку, Кина е еден од најголемите и најбрзо растечките светски пазари за компјутерски игри, а бројот на играчи рапидно расте.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот