Сѐ поголем број млади девојки, меѓу кои и средношколки, ставаат филери за да го зголемат волуменот на усните. Кај нас не постои законско ограничување од која возраст може лицето да се подложи на ваква медицинска интервенција, па затоа потребно е големо внимание при изборот и детална информираност за предностите и последиците.
Доктор Дијана Ѓоргиевска, специјалист дерматовенеролог со долго работно искуство, која воедно е и раководител на Кожното одделение при Клиничката болница во Битола, советува малолетни лица да не ставаат ботокси и филери. Вели дека тоа се третмани за намалување на знаците на стареење, а кај тинејџерите кожата е идеална, само што може да имаат понекоја акна. Според неа, желбата да се прават вакви третмани е повеќе социолошки проблем зашто младите се идентификуваат со одредени личности што ги гледаат на социјалните мрежи и сакаат да личат на нив. Наместо ботокси и филери, таа предлага тинејџерите да работат на развој на сопствената личност.
Проблемот е социолошки
- Социолошкиот момент го гледам во преголемата достапност на интернетот и преголемото користење на „Инстаграм“ и „Тик-ток“, каде што младите се идентификуваат со нивните идоли. Се креира друг вид убавина и сакаат да ги имитираат инфлуенсерите. А ние не знаеме што тие имитираат и која е нивната цел. Во тинејџерските години тие се гледаат една со друга, велат „зошто другарка ми да има, а јас не“. Тоа зборува за нивната несигурност и сметаат дека со менување на изгледот, со тоа што со одредени третмани ќе наликуваат како некој популарен на интернет, ќе ја компензираат несигурноста. Но, мојата порака е да не имитираат никого од социјалните мрежи, да работат повеќе на личен развој - апелира Ѓоргиевска.
Кај тинејџерите лицето е во раст и развој, па рано е за корекции
Ѓоргиевска истакнува дека филери и ботокси не треба да се ставаат кај малолетни зашто нивното лице сѐ уште е во развој. Затоа важно е стручните лица што ги прават ваквите интервенции задолжително да го прашаат клиентот колку години има. Бидејќи кај нас нема закон што ја ограничува возраста, доколку младите сепак се одлучат за корекција, задолжително да се побара дозвола од родител. Неопходно е да се информираат за постапката и последиците. Во ординациите или козметичките салони препорачливо е да има прашалник што ќе го пополни клиентот, а ќе се однесува на тоа дека е информиран за постапката и евентуално несаканите последици. Денес вакви третмани спроведуваат сертифицирани доктори специјалисти: дерматолози, пластични хирурзи, стоматолози, а во последно време и обучени козметичари.
- Откако ќе се одлучат за ваква интервенција и имаат дозвола од родител, младите треба да изберат проверен, соодветен лекар со искуство. Затоа што станува збор за медицински процедури кои поради маркетинг и популарност, се прикажуваат како интервенции за време на работната пауза, но за целосно закрепнување на кожата и реалниот ефект, потребни се две недели до еден месец - додава докторката.
Да не дојде до ефектот „усни на риба или на пајка“
Таа посочува дека докторот кој ги аплицира филерите треба да им укаже на клиентите за последиците од интервенцијата, дека иако хијалуронската киселина е природна супстанција која ја создава нашиот организам, процедурата не е безболна и покрај локалниот анестетик, дека можно е да има крвавење доколку дојде до повреда на некој крвен сад, може да дојде со појава на модринка како последица на крвавењето, која ќе се гледа во следните седум до десет дена.
Посериозни несакани ефекти се инфекција, опасност од асиметрија поради несоодветна густина на филерот за одреденото место и погрешна длабочина при аплицирањето, појава на нерамнини, грутчиња на местата на аплицирање, што е резултат на филер ставен под поголем притисок или појава на алергија од анестетикот кој го има во филерот. Најсериозен и најнепосакуван негативен ефект е блокирање на крвниот сад со филерот, васкуларна оклузија, при што настанува изумирање на дел од ткивото во таа регија, некроза. Сето ова укажува колку многу треба да се внимава и дека е неопходна голема умешност при процедурата.
- Докторот што го вградува филерот треба да има и чувство за естетика. Не може на ситно лице кое е уште во раст и развој да се стави голема доза за да се зголеми волуменот на усните, па да добијат ефект на „усни на риба или на пајка“. Процедурата воопшто не е едноставна и треба да се прави разлика помеѓу возрасна личност која е свесна и лично го презема ризикот и малолетно лице мотивирано само од желба и престиж, а за кое одобрение треба да даде родителот. Одговорноста на родителот е голема! Претпоставувам дека во ординациите или козметичките салони што држат до својот углед етиката е на високо ниво за да не прифаќаат малолетни лица за филери и ботокс или во спротивно, тинејџерите да пополнат прашалник со согласност од родителот. Па, така ризикот е споделен и е повеќе на страната на клиентот - вели Ѓоргиевска.
Д-р Дијана Ѓоргиевска
Се почнува со малку
Постои непишано и познато правило, од искуство, кога еднаш се става филер или ботокс, тоа создава одредена зависност и желба да се стави повторно и повеќе. Тоа е спротивно на препорачаниот тренд во козметологијата и естетиката - дека помалку е повеќе.
- Добро е да се започне со малку, секогаш може да се стави повеќе на контролните средби, доколку така одлучи клиентот или ако докторот не е задоволен од посакуваниот ефект. Да не се избрзува - додава Ѓоргиевска.
Ботоксот создава лик без мимика, а убавината на луѓето е токму во лицевата експресија
Ботоксот се става за да се измазни и релаксира мускулатурата, па да се добие мазна кожа без брчки. Со години се промовира тезата дека колку помладо лицето почне да става ботокс, толку помалку ќе има брчки како повозрасно?!
- Тоа значи личноста цел живот да става ботокс. Кај оние клиенти што го ставаат ботоксот подолго време, создадена е зависност оти се навикнуваат на лик без мимика, на лице без брчки. Нивна одлука, нивно право! Освен лице без брчки, одредени ботоксирани клиенти, и машки и женски, сакаат да остават чувство на кул личност која ја држи ситуацијата под контрола во интерперсоналните контакти или настапи. Сметам дека токму лицевата експресија нѐ прави различни едни од други. Ботоксот трае 3 до 6 месеци, а потоа треба пак да се повтори, барем двапати годишно. Тој парализира одредени мускули. Клиентот треба добро да се информира, прво, дали е сертифициран лекарот за ботокс, а потоа за неговото искуство. Доколку не се стави на соодветни точки и ако се стави погрешна количина, се добиваат негативни ефекти, како што е паѓање на очниот капак или ѓаволест изглед со многу подигната веѓа. Кога се работи на долната вилица и вратот, може да се отежнат дишењето и џвакањето. Опасност од инфекција е секогаш возможна. И тука важи правилото - подобро првиот пат помалку, па да се проследи ефектот по 2 недели и да се направи корекцијата - вели Ѓоргиевска.