Орудија од горски кристал употребувале неандерталците што живееле во палеолитот на територијата на Македонија. Во тек се археолошките истражувања на локалитетот Голема Пешт, кај Македонски Брод. Археолозите отвориле петта сонда во десната страна на пештерата. Преовладуваат животински остатоци кои не се само внесувани во пештерата како храна, туку коските се модифицирани од страна на човекот и најверојатно употребувани како орудија.
Проектот го спроведува Археолошкиот музеј, а раководител на истражувањата е Љиљана Шаламанов-Коробар.
- Вториот елемент, особено значаен за палеолитската култура, е откривањето на камените артефакти кои неандерталците ги употребувале како алат. Изборот е особено интересен. Станува збор за наоди од горски кристал. Најверојатно оваа суровина е одбрана и поради тврдината и поради убавината и прозрачноста на овој минерал - вели Шаламанов-Коробар.
Скелет и реконструкција на тело на неандерталец / Фото: Wikimedia Commons
За крајот на ископувањата, како што се наведува, е предвидено собирање на седиментацијата за уште шест наредни слоја и повторување – доставување од минатата година за анализата ОСЛ. Резултатите се очекуваат за една година.
- Досега се поставени различни по димензии сонди и регистрирани се 22 геолошки слоја. Откриени се камени ракотворби (орудија и оружје) и животински остатоци. Типолошките и технолошките белези на материјалните наоди укажуваат на постоење среден палеолит. Прелиминарни податоци од анализата ОСЛ – лабораторија на Институтот „Макс Планк“, Германија – се однесуваат на слоевите 2 и 3 со старост од 60.000 години пр.н.е. За слојот 5 датумот е 104.000 пр.н.е. - објаснуваат од Музејот.
Од истражувањата во Голема Пешт / Фото: МИА
Палеолитското наоѓалиште Голема Пешт се наоѓа на 65 километри од Скопје во близина на селото Здуње и над новоформираното езеро Козјак (некогашна река Треска). Пештерата е долга 35 метри и широка 18 метри, има мало плато пред неа и поглед и прегледност на целата околина и кон север кон југ.
Извор: МИА