X
 27.07.2019 Култура

По 50 години се обединија римските саркофази од Карпош 4

Пронаоѓањето на деловите од саркофагот деновиве се поклопува со 56 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 1.501 година од земјотресот кој го срамнил Скупи со земја

Деловите од римскиот камен саркофаг од 2 век, откриен деновиве во скопската населба Карпош 4 се всушност дел од покомплексна целина покрај која поминувате секој ден – саркофазите и надгробните олтари изложени пред Музеjот на град Скопје. Археолозите од градскиот музеј вчера ги транспортираа археолошките елементи до античкиот град Скупи кај Злокуќани, во заедничката акција со колеги од Конзерваторскиот центар – Скопје. Елементите како случаен наод беа пронајдени во средата, за време на градежните активности во близина на слаткарницата „Палма“.

Елементите пронајдени пред неколку дена / Фото: Музеј на град Скопје

Археологот Ленче Јованова, кустос советник во Музејот на град Скопје скоро три децении го истражува Скупи. Таа вели дека новопронајдените елементи не ги менуваат границите на античкиот град кои се познати на науката.
- Ова е пошироката територија на Скупи која е распространета во целата Скопска Котлина. Тоа се живеалишта од типот вила рустика, каде живееле богатите римјани. Имале имот со куќи и повеќе објекти меѓу кои и приватни некрополи. Ова не е прв случаен наод од овој тип. На улицата „Партизанска“ во соседниот станбен блок, за време на градежни активности во 1969 година пронајдени се три саркофази и делови од надгробни олтари од истиот комплекс од римско време. Тоа се саркофазите и другите надгробни елементи изложени пред Музејот на град Скопје – вели Јованова.

Дел од саркофазите пред Музеј на град Скопје, откриени во 1969 година / Фото: Wikimedia Commons

Слични случајни наоди се пронајдени низ години кај Алуминка и во Лептокарија. Според Јованова, тоа било традиција во римско време. Административниот центар на Скупи бил кај денешно Злокуќани, а околу градот биле имотите на богатите граѓани.

Што запишал хроничарот Марцелинус Комес

Пронаоѓањето на деловите од саркофагот деновиве се поклопува со 56 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 1.501 година од земјотресот кој го срамнил Скупи со земја. Пред еден и пол милениум, во 518 година стравотниот земјотрес уништил вкупно 24 тврдини, некои од нив сосе жителите. Во потресот настрадал и Скупи - главниот град на провинцијата Дарданија. Катаклизмата која го зафатила регионот го опишал Марцелинус Комес, хроничар на Источното римско царство, кој најголем дел од својот живот го поминал на дворот во Константинопол. Во своето дело „Хроники“, тој запишал:
„518 (XI Индикт), Време на конзулот Магно сам. Во провинцијата Дарданија, од долготраен земјотрес во еден момент биле урнати 24 тврдини. Од нив две потонале заедно со жителите, четири биле разурнати, откако загубиле половина од зградите и жителите, на 11 од нив од несреќата им биле уништени една третина од куќите и исто толку од населението, а на седум им биле уништени една четвртина од куќите и исто толку народ, а соседните тврдини биле напуштени од страв пред уривање. Потполно била разурната и метрополата Скупи, иако без загуба на населението, коешто веќе претходно побегнало пред непријателот. Тогаш, во една тврдина во областа Каниса, што се нарекува Сарнунто, земјата ги отворила своите недра, зоврела како жешка печка и од неа избликнала нагоре горечка и непрекината водена струја. Од тој земјотрес биле расцепени мошне многу планини од целата провинција, карпи биле откинати од нивните масиви и дрвја биле соборени од корен. Во должина од 30 милји земјата распукала 12 стапки и отворила длабока провалија, каде настрадале некои од жителите на тврдините, коишто сеуште бегале од карпите што се уривале или од нападите на непријателот“.

Тетарот во Скупи / Фото: Од книгата „Римски театар – Скупи“ на Филозофскиот факултет - Скопје и Музејот на град Скопје

Јованова објаснува дека археолошките докази за интензивните градителски зафати во Скупи во првата половина на 6. век се контрадикторни со некои од податоците познати од античките извори.
- Во хрониката на Марцелин Комес е забележано дека метрополата Скупи била скоро потполно уништена во катастрофалниот земјотрес од 518 година, којшто ја погодил провинцијата Дарданија. Исто така, Скупи не се споменува меѓу градовите чии фортификации биле ново изградени или обновени во време на Јустинијановите градителски зафати. Таквите податоци и малата истраженост на локалитетот Скупи во претходниот период, придонеле да се заклучи дека урбаното живеење во Скупи потполно замрело по земјотресот во 518 година, по што градот продолжил да живурка само како скромна рурална населба - вели Јованова.
 
Што велат археолошките докази

Сепак, додава таа, треба да се земат предвид резултатите од од поинтензивните истражувања на доцноантичкиот културен хоризонт на Скупи, кои сè повеќе ги демантираат тие тврдења. Според податокот од Синекдемот на Хиерокле (околу 527 година) Скупи се спомнува со статус на провинциска метропола. Оттука, произлегува дека последиците од земјотресот сепак не биле толку фатални, така што животот во градот наскоро повторно бил нормализиран - вели таа.

Откриените културни хоризонти и архитектонски структури на секторот на југоисточниот бедем, но и во централното градско подрачје потврдуваат дека урбаното живеење во нешто изменета форма (изглед, структура и содржина) продолжило во текот на речиси целиот 6. век.
- Ваквиот хронолошки развој и расплет на случувањата во Скупи е потврден со колективниот наод на монети од централното градско подрачје. Депото завршува со монета на Маврикиј Тибериј од 583/4 година, што може да послужи како terminus post quem non за крајот на развојниот пат и организираното урбано живеење во Скупи. Оттука произлегува дека процесите и времето на дефинитивно замирањето на градот се идентични и синхрони со сличните случувања како во поголемите македонски доцноантички градови, Стоби, Хераклеја, Лихнид, и Баргала - вели Јованова.

Реконструкција / Фото: Од книгата „Римски театар – Скупи“


На прашањето дали во културните слоеви на Скупи може да се издвојат елементи кои би укажале на случувањата во катастрофалниот земјотрес во 518 година, Јованова вели дека таа проценка треба да ја направат стручњаци кои се занимаваат со сеизмички инженеринг и работат на таа проблематика.
- Ние како археолози ги забележуваме и евидентираме урнатинските слоеви, но навистина е многу тешко да се оцени, особено во тој 6. век, кога не само што се случил земјотресот во Скупи, туку и времињата се многу немирни. Проследени се со многу движења на племињата од север, има напади, разурнувања. И самиот Марцелин Комес вели дека кога веќе се случил катастрофалниот земјострес, за среќа не настрадало населението, бидејќи претходоно веќе било побегнато од градот - објаснува таа.

Градот продолжил да живее, и тоа богато

Јованова е децидна дека е неблагодарно да се дефинира дали одреден урнатински слој е формиран од разурнување од земјотрес или од пљачкосувања и напади на некои од вараварските племиња. Земјотресите можат да бидат проследени и со поплави, пожари и други деструктивни процеси, така што многу е тешко да се процени. Исто како денес. Земјотресот ќе предизвика разурнување и урнатини, но потоа населението повторно ќе се врати. Тоа се случило и на Скупи. Градбите кои биле многу оштетени најчесто ги уривале сосема, на тој слој ставале насип, го рамнеле, па правеле нова градба.

- Порано се сметаше дека животот во Скупи престанал по катастрофалниот земјотрес во 518 година. Но, последните истражувања потврдија дека животот набрзо бил обновен, продолжил во целиот 6. век и тоа како квалитетно урбано живеење во градот. Во една друга форма, не како порано, но тоа било нормално и во сите други градови на Балканот. Се намалил обемот на градовите, се собираат на помала површина, има силно бедемско опкружување и реорганизација во самиот начин на живот. Претходно имало отворени јавни градби, тогаш примат почнале да добиваат верските објекти, базиликите, начинот на живот е сосема различен од претходниот - раскажува Јованова.

Модел на римска вила рустика / Фото: Wikimedia

Како последица на сите тие процеси, во втората половина на 6. век населението постепено почнало да ги разградува старите објекти, а материјалот го употребувале во новите градби. Животот си продолжил, но кон крајот на 6. век градот веќе го изгубил оној типично урбанистички начин на живеење. Тогаш почнала да се случува уште една голема промена, на почетокот на 7. век, кога привремено или трајно се населуваат новите племиња.
- Тогаш се случила и промена на градежните структури, од тоа време е микростанбеното живеење во централната градска зона. Тогаш се реупотребува материјалот од градбите од империјалниот и од доцноантичкиот период. Разградувањето и носењето на Кале е многу подоцна, во 11. и 12. век - вели Јованова.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура