X
 08.11.2023 Наша тема

Униформите воведуваат ред и пристојност, а ја подобруваат и безбедноста во училиштата, смета социологот Ивана Гегоска

Во секоја институција постои правилник за етички кодекс на однесување, облекување и начин на функционирање на вработените. Без тие правилници би имало безредие. Правилникот за кодексот на облекување во училиштата најпрво треба да биде почитуван и практикуван од страна на вработените, особено од страна на наставниот кадар. Она што е, можеби, најважно во однос на оваа проблематика е да се воведат изедначени правила за облекувањето на средношколците во текот на наставата, кои ќе бидат еднакви и ќе важат за сите средни училишта на ниво на држава, вели социологот Ивана Гегоска

Униформите сѐ повеќе почнаа да се применуваат во училиштата. Се разбира, како и во сите сфери, има противници и афирматори. Лица кои сметаат дека униформите се одлични за учениците, дека ќе помогнат во надминувањето на класните разлики, ќе им се од помош на родителите во буџетот за облека за децата и полесно ќе оди подготвувањето за на училиште. И секако, има лица кои се против сето ова и сметаат дека униформираноста е лоша за децата, им се губи идентитетот, можноста за слободен израз и слично. И двата ставови се правилни и едниот не го исклучува другиот.
Раководните лица на училиштата сметаат дека со униформите би се вовел поголем ред во облекувањето, дисциплина во облекувањето и спречување недолично облекување за на училиште.

Униформите кај учениците се и од етички, но и од безбедносни причини

Повеќето од училиштата со години веќе имаат униформи, а сега бројот на училишта што воведуваат униформи се зголемува.

- Години наназад имаме кодекс на облекување во нашето училиште. Учениците имаа униформи и пред ковид-кризата, но имаше и негодувања, односно дали џемперите се практични и дали доколку им дадеме малку поинаква форма и избор, побрзо би ги прифатиле. Тоа го направивме. Од први септември оваа година воведовме маички и блузони кои треба да бидат во една од боите на логото на „Орце“, со тоа што оставивме за изборот на квалитет, изработка и цена да одлучат самите родители. На почетокот од годината видовме една убава слика - сите ученици влегоа во училиште пристојно облечени, униформирани.
Учениците позитивно ги прифатија униформите, така што сега можам да кажам дека кодексот на облекување целосно е во функција. Униформите кај учениците се и од етички, но и од безбедносен бенефит бидејќи сега лесно може да се идентификува доколку некој ученик е влезен во училиште, за време на настава, а не припаѓа на нашата гимназија. Сметам дека секое училиште треба да има кодекс на облекување, а на учениците да им се даде малку слобода околу изборот на униформите, па ќе видите колку можат да бидат креативни, а потоа со конкретен став на раководството, но и училишната заедница да се донесе решение со кое ќе бидат задоволни двете страни - ни посочи Митко Димовски, директор на СУГС „Орце Николов“.


Митко Димовски
Забранети се кратки маички и искинати фармерки

Униформите се дел од училиштата и во градовите од внатрешноста на Македонија.

-Униформите во средните училишта во Битола потекнаа токму од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, но и завршија пред неколку години токму од оваа гимназијата. Униформите беа одличен начин на пристојно облекување, исто така, да нема разлика во материјалната и семејна состојба меѓу учениците, со униформите учениците изгледаа прекрасно. Но, пред некоја година тоа запре и не се продолжи, односно учениците по пат на анкета се изјаснија дека не сакаат повеќе униформи. Со поддршка од Советот на родители, ќе се обидеме секако без притисок и преку анкета да ги вратиме униформите, но како што напоменав, изборот е на родителите и учениците. Во однос на Кодексот за облекување, постои во секое училиште и тој се применува. Со почетокот на оваа учебна година направивме и пластифициран кодекс во форма на фотографии кој стои во ходниците и во секоја училница. Генерално, учениците го почитуваат кодексот и се облекуваат соодветно, се случува некој од нив да дојде со искинати фармерки, куси блузички или куси панталони, но тие ученици се испраќаат дома за да се „облечат“ соодветно - ни сподели Лидија Споа, в.д. директорка на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.

Во повеќето училишта во кодексот на однесување пишува дека учениците се должни пристојно да се облекуваат за да не се издвојуваат од средината и да не го привлекуваат вниманието на другите ученици во текот на наставата, односно да не доаѓаат облечени со куси панталони, куси маици и сл.


Лидија Споа
Кодексот на облекување прво да го почитува наставниот кадар

На оваа тема поразговаравме и со социологот Ивана Гегоска, асистент при Институтот за социологија на Филозофски факултет во Скопје.

- Секојдневни се дискусиите и барањето одговори за тоа дали треба да се воведе униформа кај средношколците. Мислењата се поделени. Едни ја гледаат униформата како изедначување на учениците, намалување на општествената и финансиската разлика меѓу нив, други како губење на индивидуалноста кај учениците и неприфаќање на различноста. Во секоја институција постои правилник за етички кодекс на однесување, облекување и начин на функционирање на вработените. Без тие правилници, би имало безредие. Правилникот за кодексот на облекување во училиштата, најпрво, треба да биде почитуван и практикуван од страна на вработените, особено од страна на наставниот кадар. Она што е, можеби, најважно во однос на оваа проблематика е да се воведат изедначени правила за облекувањето на средношколците во текот на наставата кои ќе бидат еднакви и ќе важат за сите средни училишта на ниво на држава - посочува Ивана Гегоска.

Пред многу години одредени средни училишта имаа воведено задолжително носење униформа. Секое училиште имаше маица по кратки ракави и блузон или џемпер со логото на училиштето. Најпрво учениците беа изедначени во облекувањето, а потоа сите ученици беа претставници на своето училиште (и надвор од него).

- Воведувањето на униформата не значи губење на правото на слободно изразување. Како за сè, па така и за ова, постојат и позитивни и негативни страни. Но, јас би се задржала на позитивниот аспект на оваа проблематика. Учениците имаат обврска редовно да посетуваат настава, да постигнуваат резултати, да служат како пример со својот изглед и однесување, да ги почитуваат правилата на училиштето, да ги почитуваат сите вработени и соученици, да внимаваат на изразувањето, да не предизвикуваат конфликт и насилство, да покажуваат разбирање и толеранција итн. - дополнува Гегоска.


Ивана Гегоска
Униформата треба да биде обележје на самото училиште

Кога станува збор за темата „униформа и средношколци“, голем дел се субјективни и пристрасни гледајќи ја можноста за воведување униформа како нешто кое се одзема од нив.
-Ако размислиме, сите ние (не)свесно одбираме гардероба која ја носиме на одредени места (ресторани, состаноци, конференции, дискотеки, прослави итн.). Униформата треба да претставува обележје на самото училиште, учениците со гордост да ја носат, да се чувствуваат како еднакви припадници на таа образовна заедница. Училиштата имаат одбори и родителски средби каде што лесно и едноставно можат да се направат компромиси во однос на оваа проблематика. Да се согласат за изборот на гардероба, бојата и цената, која има најважна улога во донесувањето на одлуката. Таа мора да биде достапна за сите родители/старатели. Заеднички да изберат униформа која ќе биде претставник на училиштето каде што учат нивните деца - посочува Ивана.

Како што вели таа, во некои средни училишта е воведена униформа, но со одредени „услови“. Училиштето наведува кои бои се дозволени, па учениците сами набавуваат.

-Поимотните родители ќе им купат на своите деца облека според препораките на училиштето од брендирани продавници (секако, со логоата на таа продавница), додека помалку имотните родители ќе изберат продавница во која можат да си дозволат да купуваат според своите примања. Тука се истакнува слојна разлика и се зголемува можноста за осудување и навреди. Една од функциите на униформата е да се истакне личноста на ученикот, а не неговиот изглед - истакнува Гегоска.



Униформата претставува пристојност. Таа треба да се носи со почит и гордост, потенцира социологот.

- Со воведувањето на униформите средношколците ќе бидат со помал секојдневен притисок што да облечат за да изгледаат убаво пред другите, а пристојно во училиштето. Во однос на финансиите, униформите се поевтина опција за родителите (во текот на целата година).
Она за што малкумина размислуваат е дека униформата може да придонесе за заштита од „непосакувани“ лица кои влегуваат во училиштата, со што ќе се зголеми безбедноста на самото училиште, вработените и учениците. Училиштето претставува воспитно-образовна институција, а не место каде што треба да се натпреваруваат учениците од каде доаѓаат и потекнуваат (кои се нивните родители), колку пари имаат (нивните родители) итн. Учениците треба се концентрираат повеќе на учењето, а помалку на личните работи. Секогаш постои начин нештата да се сменат, сè додека постои желба за промена - вели Гегоска.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема