X
 18.11.2022 Наша тема

Изгубените часови ќе ги надоместиме, дел онлајн дел со физичко присуство, вели директорот на „Орце Николов“

Дојавите за бомби во средните скопски училишта го нарушија ритамот на наставата, на почетокот внесоа и доза страв кај учениците и наставниот кадар, но откако е утврдено дека станува збор само за лажни вести и дојави, стресот се намали.

Според директорот на СУГС „Орце Николов“, Митко Димовски, наставата деновиве се одвива нормално, без прекин, страв и притисок. Учениците сфатија дека нема простор за паника.

- Можам да кажам дека учениците се во ред, не се исплашени, сфатија дека станува збор за лажна закана пристигната преку електронска пошта. Можеби кај еден процент сѐ уште има мал страв, но навистина сѐ се одвива во нормални услови. Имавме и „Орце опен дејс“ на кои отворивме дебата и позборувавме за ситуацијата со бомбите и се уверивме дека тие не се одразија врз менталното здравје на учениците. Можеби ни беше стресно првата недела, со првата дојава за бомба, но откако се утврди дека се лажни дојави со лажни закани, некако ни стана рутина и немаше простор за паника. Се надевам само дека сето ова ќе заврши конечно и ќе се сеќаваме како на лош сон - вели директорот Митко Димовски.

Митко Димовски

Од другите училишта во кои исто така имаше лажни дојави за бомби не добивме изјава. Дел се оградија дека додека трае истрагата од МВР, не сакаат да даваат изјави и да му пречат на случајот.

Во однос на изгубената настава, прераспределбата на часовите е во тек и кај и да е ќе почнат да се обработуваат часовите.

- Имаме план за надополнување на изгубената настава. Секое училиште индивидуално си прави програма. Дел од часовите ќе ги одработиме онлајн, дел со физичко присуство во текот на ноември и декември, до завршувањето на првото полугодие - нѐ информира Митко Димовски.



Според учениците што го живеат секојдневието со дојавите на лажните бомби, нема простор за паника и наставата се одвива нормално.

- Јас бев во дел од учениците што немаа евакуација во смената. Кога бев прва смена, тоа почна да се случува во втората смена. Почна да има дојави за бомби на сред часови и првите неколку пати кога се случи тоа, мислам дека сите ученици се потресоа, особено откако видоа што пишуваше во мејловите што беа испратени. Но, како што поминуваше времето и сѐ почесто се случуваа лажните дојави, сите го сменија мислењето. На почеток повеќето мислеа дека тоа е направено од ученици на кои не им се оди во школо или од некои други луѓе кои не би го направиле тоа што го пишуваа во мејловите. Наставата не се промени, барем не во мојата смена. Сѐ си имавме по распоред, но има неколку нови правила и протоколи поради најавите за бомби. Кај другата смена е поинаку, тие многу пати губеа настава и кај нив беше многу поразлично - вели еден средношколец.


Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дојавите за поставени бомби во училиштата се хибриден напад врз државата и тоа е монструозен чин затоа што со тоа се вознемируваат и учениците, и нивните родители, и наставниот кадар, и целата држава. Спасовски на телевизиско гостување изјави дека мејловите се праќаат однадвор и дека се користи меѓународна правна помош.

- Мејловите со најави за поставени бомби се праќаат однадвор и за истрагата одиме преку меѓународна правна помош. Во истрагата и во обезбедувањето информации и докази се вклучени сите капацитети на повеќе сектори на Министерството за внатрешни работи, како и партнерските служби и иако досега сите дојави се лажни, по секоја мора да се постапува по строго дефинирани протоколи кои не може да се изземат - истакна Спасовски.

Според него, она што е карактеристично е што заканите се појавуваат во среда, четврток и петок и само во одредена смена на ученици и наставници и тоа се дел од аспектите што се анализираат. Содржините на мејловите, рече Спасовски, се различни.

- Имаше содржина дека некој наводно сакал да преговара. Но, со терористи нема преговори - потенцираше Спасовски.

Тој најави дека сите информации и заклучоци МВР ќе ги соопшти кога ќе заврши истрагата и ќе има реализација, што ќе биде за многу брзо.

- Штом ќе ги утврдиме сите факти и податоци, во соработка со јавното обвинителство ќе излеземе во јавност и сѐ ќе биде транспарентно објавено - истакна министерот.

Спасовски додаде дека овие хибридни напади не се изолиран случај само во Македонија, туку дека вакви напади има во САД, Србија, Хрватска, други земји членки на НАТО и ЕУ. Тој повика да не се политизира овој случај со цел ефикасно дејствување на институциите, пренесува МИА.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема