X
 02.09.2016 Образование

Училиштата не се плажа, спакувајте ги шорцовите

Децата треба да формираат своја претстава за работите и ако биде строго пропишано тоа што треба да го носат, може кај нив да создаде отпор. Во времето кога јас учев во гимназија (70-ите години), немавме униформи, а соученици ми беа деца на 15-мина директори. По ништо не можеше тоа да се забележи, тие се однесуваа многу нормално, а и не се покажуваа со облеката, вели социологот Илија Ацески


    
Испокинати фармерки, куси панталончиња далеку од пристојни, маички на прерамки, коси пуштени врз лицата, момчињата со шарени бермуди со кои небаре се капеле во морето – ова е дел од костимографијата со која учениците вчера ја почнаа новата учебна година. И не е ова некоја театарска премиера, ами веќе со години повторувана реприза. За многумина ученици се чини како сѐ уште да се на плажа, со оглед на тоа во какви изданија можеа да се видат во училишните дворови и ходници. Пристојноста се сведува на апстрактна именка на која не ѝ е местото во училишните клупи. Повеќе од кога било е неопходно родителите и наставниот кадар да се подзамислат како можат да дејствуваат за враќање на примерното однесување и облекување во образовните установи.

Кодекси на облекување, воведување училишни униформи, тоа се дел од начините на кои би можело да се постигне ефект, велат и наставниците.

-Децата треба да формираат своја претстава за работите и ако биде строго пропишано тоа што треба да го носат, може кај нив да создаде отпор. Во времето кога јас учев во гимназија, немавме униформи, а соученици ми беа деца на 15-мина директори. По ништо не можеше тоа да се забележи, тие се однесуваа многу нормално, а и не се покажуваа со облеката. И наставниците мора да бидат добар пример. Кодексот треба да укажува, да не биде престрог и со родителот да се разговара. Живееме во глобално време, децата сѐ знаат и читаат. Во училиштето децата треба да се чувствуваат рамноправни и еднакви – смета социологот Илија Ацески.
 

Униформите – борба за еднаквост

Едно од решенијата за пристојно облекување, кое е практика во цел свет и не е ниту измислица на 20 век, е училишната униформа. Кај нас не постои одлука со која учениците би биле обврзани да ја носат. Секоја општина може да субвенционира униформи, а некаде и самите родители се самоорганизираат.

-Униформите им даваат на училиштата чувство на идентитет и кохезија. Кога некои аспекти на општеството стануваа помалку сигурни, униформите сугерираат дека училиштата се местата кои треба да обезбедат сигурност и ред - вели британскиот историчар Александер Дејвидсон.

Во скопските училишта, засега само Општина Аеродром ги обезбедува униформите за учениците на почетокот на учебната година, по третпат оваа година. Секој комплет училишна униформа вклучува: сиви панталони, бели блузи со кратки и со долги ракави и тегет елеци со амблем. Девојчињата можат да изберат здолниште или панталони, велат од Општината.

-Целта на овој проект, кој наиде на одобрување и прифаќање не само кај учениците туку и кај родителите, е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. На тој начин основните училишта од Општина Аеродром ги достигнуваат стандардите на училиштата од европските метрополи – изјави градоначалникот Ивица Коневски.
Факт е дека облеката е трошок и дека со униформите се заштедува и финансиски, а и децата изгледаат пристојно.
Во некои училишта веќе се воведени униформи на иницијатива од родителите.

- Може е чудно во денешно време да бараме да се надминат социјалните разлики на ваков начин, но барем пристојноста ќе се задржи, зашто денешните ученици се чини дека ги надминаа границите – на моменти не ми се верува дали влегувам во училиште или на игралиште. Имаше негодување дали децата ќе сакаат да ги носат, јас не знам како родителите оставаат простор детето да е тоа што ќе одлучи дали ќе носи. Како ли само ги пуштаат сопствените деца во такви изданија  – вели родител на ученик од основно училиште.

Училиштата – место за натпревар на родителите

Кодексот на однесување е создаден од правила кои учениците сами си ги поставуваат бидејќи на тој начин истите повеќе би ги почитувале, вели   Златко Тапчановски, директор на училиштето „Св. Климент Охридски“ од скопската населба Бутел.
-Училиштата изготвуваат правилник за изрекување педагошки мерки, но сепак однесувањето на учениците во голема мера зависи од комуникацијата помеѓу наставникот, родителот и ученикот. Децата не треба да ги гледаме само како деца, треба да знаеме дека и тие се луѓе со свои потреби и проблеми. Јас секогаш се водам од тоа дека немаме проблематични деца, туку имаме деца со проблеми. Училиштата денес се претворија во места за натпревар меѓу родителите. Кога родителите вршат натпревар кое дете поскапо ќе биде облечено, се јавува проблем наречен социјалната нееднаквост, а потоа и проблем со несоодветно облечени деца за посетување настава бидејќи скапите парчиња често пати се проследени и со следење на некои модни трендови кои секако не му доликуваат на дете кое седи во училишна клупа – вели Тапчановски.

Според него: „Кодексот на облекување не е решение за елиминирање на овој вид проблем во училиштата и покрај тоа што училиштата можат слободно да го воведат бидејќи со закон не е забрането.“

-Потребно е да се влијае врз родителите и да се убедат дека училиштата се места каде што учениците се натпреваруваат само во однос на нивните знаења. Во нашето училиште на наставнички совет донесовме одлука наставниците од оваа учебна година на своето работно место да доаѓаат во иста работна облека бидејќи, исто како и учениците, и наставниците се сретнуваат со проблемот на облекување. Честопати наставниците се предмет на озборување кај учениците во однос на тоа кој каква марка носи. Облеката што ќе ја носат наставниците сами ќе ја финансираат. Можеби случајно, но овој чекор на наставниците претставуваше мотивација на родителите и на мое големо задоволство бев позитивно изненаден кога Советот на родители во училиштето одлучи да спроведе анкета помеѓу родителите во однос на тоа дали се согласуваат сами да ја платат униформата за своето дете. Резултатите од анкетата покажаа дека голем процент од родителите ја гледаат униформата како одлично решение за проблемите што погоре ги наведов – вели Тапчановски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование