Секоја општина на свој начин ја склопува образовната програма и условите за школување се разликуваат од една до друга општина. Колку ќе им се намали финансискиот товар на родителите, колку ќе се стимулираат, мотивираат учениците, зависи индивидуално од секоја општина, односно од нејзиното раководство
Да се биде ученик е слично и истовремено различно во секоја општина. Секоја општина си има своја стратегија, приоритет, програма како да им помогне на родителите, како да ги стимулира основците во тековната школска година, па и да ги награди за успесите или, пак, да им го разубави летото. Во последно време честа е појавата на донирање школски униформи, еднократен паричен надоместок за првачињата, школки прибор, стипендирање на ученици, наградување, финансирање летен одмор... Им излегуваат во пресрет на ранливите категории, им се овозможува пливање на децата со попреченост... Секоја општина на свој начин ја склопува образовната програма и условите за школување се разликуваат од една до друга општина.
Колку ќе им се намали финансискиот товар на родителите, колку ќе се стимулираат, мотивираат учениците, зависи индивидуално од секоја општина, односно од нејзиното раководство.
Бесплатни стоматолошки прегледи
Општина Гази Баба оваа година првпат го реализира проектот за доделување бесплатни униформи за сите 6.800 ученици во основните училишта во општината. Дополнително за сите првачиња Општината доделува еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари.
- Како локална самоуправа, обезбедуваме и бесплатно учество во екскурзиите и воннаставните активности на учениците кои потекнуваат од социјален ризик. Општина Гази Баба реализира голем број проекти со цел постигнување еднаквост помеѓу учениците и намалување на класните разлики во текот на престојот на дечињата во училиштата - истакнаа од Општина Гази Баба.
Од
Општина Центар информираат дека во програмата за образование повеќе години наназад се предвидуваат голем број активности наменети за учениците.
- Општина Центар се грижи за здравјето на учениците преку проектите: „Унапредување на оралното здравје кај ученици во социјален ризик“, „Дејствувај за подобро орално здравје“, „Исправи се!“ Со овие проекти им се вршат бесплатни стоматолошки прегледи на учениците од социјален ризик, на првачињата им се вршат предавања за важноста на оралното здравје и скрининг на ‘рбетниот столб и долните екстремитети кај првачињата - ни соопштија од Општина Центар.
Првенците на генерацијата се наградуваат
Исто така, Општината ги наградува талентираните ученици во четири области, односно доделува стипендии од 2.500, 3.000 и 3.500 денари, 8 месеци во учебната година за: спорт, култура, наука, техниката и посебни вештини, социјален ризик.
-Минатата година наградивме околу 90 ученици во сите 4 категории. Секое прваче на почетокот на учебната година од Општината добива ранец со училишни материјали. Го наградуваме и успехот на првенците на генерација преку проектот „Награди за полуматуранти“ (осум вкупно) со пофалница и паричен износ од 15.000 денари. Финансиски ги поддржуваме учениците за учество на меѓународни натпревари. Секоја година бројот на ученици што земаат учество на светски турнири се зголемува, па затоа Општина Центар финансиски им излегува во пресрет. Покрај овие проекти наменети директно за учениците, Општината ги обезбедува училишните објекти, купува информатичка опрема, врши едукативни активности за прва помош, обезбедува лични асистенти за учениците со попреченост преку проектот „Образование за сите“, каде што околу 15 ученици добиваат личен асистент. Врши доплата на блок-дотации за исплата на комунални работи (сметки за струја, вода, парно и ѓубрарина). Купува хигиенски средства за училиштата (тоалетна хартија, сапун, влажни марамчиња). На почетокот на оваа учебна година над 100 наставници присуствуваа на обука за врсничко насилство кај учениците - истакнаа од Општина Центар.
Бесплатни часови по пливање
Општина Аеродром во континуитет презема мерки и реализира проекти кои се насочени кон обезбедување финансиска помош и поддршка за семејствата, подобрување на образовниот процес и обезбедување дополнителни содржини за учениците. Воедно, водејќи сметка за инвестициите во сите училишта и сите населени места, а водејќи грижа и за ранливите категории граѓани и учениците со попреченост, посочуваат од Општина Аеродром.
- Во изминатиот период редовно се исплаќа парична помош од 3.500 денари за секое запишано прваче, а сите ученици на почетокот на учебната година добија бесплатни нови униформи кои се обезбедени со средства на Општината. Втора година по ред се реализира проектот кој помага за правилен психо-физички развој на учениците, во чии рамки сите првачиња и ученици со попреченост имаат можност да посетуваат бесплатни часови по пливање. Тие добиваат и опрема - капа, очила, крпа, сертифицирани едукатори, како и организиран бесплатен превоз од училиштето до базенот, а во целиот процес се придружувани од наставниците. Потоа го имаме проектот за унапредување на дигитализацијата и подигнување на дигиталната писменост, во чии рамки секој ученик од четврто одделение добива бесплатен таблет - ни изјавија надлежните од Општина Аеродром.
Истакнаа дека во текот на летниот период заврши внатрешната и надворешната реконструкција на неколку основни училишта, како и целосна реконструкција на кујната и трпезаријата во ООУ „Блаже Конески“ и ООУ „Лазо Ангеловски“. Училиштето „Лазо Ангеловски“ во изминатиот период доби пристапни рампи, лифт и инклузивни тоалети, со што се затвори процесот за целосна инклузија на учениците со попреченост од овој дел на Аеродром.
- Со континуираните инвестиции и проекти цел ни е да обезбедиме модерен, современ, достапен и инклузивен образовен процес, каде што учениците ќе имаат пристап до модерната технологија. Образовен процес кој ќе продуцира талентирани ученици кои ќе постигнуваат национални и меѓународни резултати и ќе бидат гордост и иднината на Општина Аеродром – додаваат од Општина Аеродром.
Бесплатно летување
Во
Општина Кисела Вода образованието е еден од врвните приоритети со цел обезбедување најдобри услови и еднакви можности за сите ученици. Од почетокот на новата учебна година преземени се низа мерки во насока на реализација на оваа стратешка цел.
- И годинава го реализиравме проектот „Ранче за секое прваче“, кој лани првпат стартува од Општина Кисела Вода, а го имплементираа и многу други општини кои ја увидоа неговата вредност. Тргнувајќи од премисата дека првиот училиштен ден треба да биде радост за сите деца и за нивните родители, и не ден во кој би биле оптоварени со финансиски грижи, сите 624 ученици запишани во прво одделение добија ранец, тетратки и прибор, што значи дека сите ја започнаа новата учебна година со еднакви услови. Дополнително, од оваа учебна година сите ученици од прво до деветто одделение ќе добијат бесплатни училишни униформи, за што постапката е во тек. Оваа иницијатива е наш начин да обезбедиме сите ученици да се чувствуваат удобно во училиштето, независно од финансиската состојба на нивните семејства. Покрај ова, продолжуваме со проектите за помош на децата од социјално загрозени семејства. Им обезбедивме бесплатни часови по странски јазици, часови за компјутерска технологија и бесплатен спорт. Исто така, ние не заборавивме на овие деца ни за време на летниот период. Како израз на нашата грижа и поддршка кон нив, летово ги испративме на бесплатно летување, финансирано од страна на локалната самоуправа - нѐ информираат од Општина Кисела Вода.
Дел од приоритетот и образовната стратегија на Општината се и инвестициите во обнова на инфраструктурата на училишните објекти, како што е реконструкцијата на спортските терени во објектите на ООУ „Партенија Зогрaфски“ и OOУ „Круме Кепески“, која е во тек.
- Минатата година ја реконструиравме салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња”. Во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ е изготвен проект за изградба на спортска сала од страна на МОН, која е влезена во инвестициската програма на Министерството. Исто така, во завршна фаза е проектната документација за изградба, од страна на Општината, на нова спортска сала во ПОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија, која е потребна и поради тоа што во оваа населба има зголемување на бројот на жители. Со овие проекти, како и многу други проекти кои допрва следуваат, посветено работиме на унапредување на условите за квалитетен образовен процес и еднакви можности за сите ученици, независно од нивните финансиски и социо-економски околности - изјавуваат од Општина Кисела Вода.
Стипендирање на талентираните ученици
Општина Карпош со години наназад вложува во образованието на младите генерации. Секогаш ги препознава најдобрите ученици во училиштата, најдобрите таленти и ги поттикнува и поддржува.
- Во програмата за работа на Општина Карпош, во делот на образованието редовно се планираат и реализираат активности за поддршка на ученици од различни области, како стипендирање на талентирани ученици од осмо и деветто одделение од областа на науката, литературата, техниката, културата и уметноста. Општина Карпош објавува јавен оглас, учениците аплицираат, Комисијата ги разгледува пристигнатите документи и во согласност со критериумите во огласот се избираат најдобрите. Стипендиите се доделуваат во текот на осум месеци (две категории од 2.500 ден и 3.000 денари), исто важи и за стипендирање на талентирани спортисти од осмо и деветто одделение - велат од Општината.
Тука ги вбројуваат и наградите за првенци на генерација од основните училишта (еднократна финансиска поддршка од 10.000 денари) и летен одмор. Општината поддржува и разновидни проекти, едукации на учениците и наставниците од областа на образованието.
- Особено сме горди на важноста на еколошката компонента за развој на личноста на младите карпошани. Општината ги наградува училиштата кои секоја година учествуваат на натпревар за најдобро уреден двор или еколошко катче во училиштето. По повод Денот на Општина Карпош, секоја година се организира настанот „Карпош има талент“ (натпревар на училиштата во глума, пеење, рецитал, инструментално свирење, групен сценски настап). Карпош како општина има свој Креативен центар-(КЦК) кој овозможува вклучување на над 300 ученици во работилници кои ги организираат 20-ина наставници. А тука се и настаните Магична хемија, Дружење со ѕвездите, Кралството на габите во Карпош - изјавуваат од Општината.
Иако побаравме изјави од општините Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Сарај и Шуто Оризари, не добивме одговор што тие им дале на основците на почетокот на учебната година.
Фото: приватна архива на општините