Ново истражување покажа дека многу богатите луѓе се разликуваат од другите и по начинот на кој ја доживуваат среќата. Наместо позитивните чувства предизвикани од социјализацијата, среќата на богатите луѓе е предизвикана од фокусирањето на себеси.
Истражувањето на психолозите покажало дека луѓето со многу пари обично се изолирани од социјалните и надворешни фактори, што им овозможува луксуз да се фокусираат на себе и на своите цели наместо да се грижат за другите луѓе.
Во истражувањето учествувале над 1.000 луѓе, а среќата била мерена преку седум емоции: забава, сочувство, задоволство, ентузијазам, љубов, гордост и страхопочит. Секоја емоција била опишана во реченица и оценета од 1 до 7.
Резултатите покажале дека повисоките класи на општеството почесто се согласуваат со изјавите дека чувството на гордост, задоволство и забава ги прави среќни. Така, речениците како „Се чувствувам добро кога луѓето се угледуваат на мене“, „Многу работи ми се забавни“ и „Посреќен сум од повеќето луѓе“ биле оценети со највисоки оцени.
Од друга страна, луѓето со помалку пари повеќе се согласуваа со изјавите за сочувство, љубов и страхопочит. Така, највисоко беа оценети речениците „Грижата за другите ме прави среќен“, „Често чувствувам страхопочит“ и „Развивам длабоки чувства кон луѓето на кои можам да се потпрам“.
Богатството не е тесно поврзано со среќата
Единственото чувство што не беше предизвикано од пари беше ентузијазмот, што беше објаснето со реченицата „Чувствувам големо задоволство кога ќе ја постигнам целта“. Научниците заклучиле дека среќата не е поврзана со парите, туку дека сумата пари влијае врз перцепцијата на различни видови среќни чувства.
Така, додека богатите луѓе среќата ја гледаат во постигнувањето на своите цели и во самиот статус, помалку богатите луѓе среќата ја наоѓаат во односите со другите, грижата за другите и воспоставувањето врски со другите луѓе.