X
 04.09.2019 Здравје

Ракот стана водечка причина за смрт во богатите земји

Срцевите болести веќе не се водечка причина за смртност во богатите земји - сега тоа е карциномот, кој би можел да стане најголемиот светски убиец за само неколку децении доколку продолжат сегашните трендови, предупредуваат научниците.

Објавувајќи ги откритијата од две големи студии во медицинското списание „Лансет“, научниците истакнаа дека изнеле докази за новите глобални епидемиолошки транзиции меѓу различни видови хронични болести.

Додека кардиоваскуларните болести засега остануваат водечка причина за морталитетот низ светот меѓу луѓето во средни години - и на нив отпаѓаат 40 отсто од сите смртни случаи - тоа веќе не е случај со земјите со високи приходи, каде што ракот сега убива двојно повеќе луѓе отколку срцевите заболувања, покажуваат резултатите од студиите.

- Нашата работа откри дека ракот бил втора најчеста причина за смрт во светот во 2017 година и дека на него се припишале 26 отсто од сите смртни случаи. Но, додека стапката на срцеви заболувања продолжува да опаѓа, карциномот би можел да стане водечка причина за смрт во светот за само неколку децении - истакна Жил Дажене, професор на Универзитетот „Лавал“ во Квебек, Канада.

Од околу 55 милиони лица што починале во 2017 година во светот околу 17,7 милиони починале од кардиоваскуларни болести, истакнаа научниците. Причини за околу 70 отсто од тие болести се високиот крвен притисок, високиот холестерол, лошата исхрана и пушењето - нешта врз кои може да се влијае.

Во земјите со високи приходи лекувањето на високиот холестерол и крвниот притисок со лекови помогнало за намалувањето на стапката на заболени од срцеви болести во последните неколку децении.

Тимот на Дажене истакна дека нивните откритија сугерираат дека причината за повисока стапка на смртност поради срцеви болести во посиромашните земји би можела да биде послабиот квалитет на здравствената нега.

Истражувањето покажало дека стапките на прва хоспитализација и користење лекови за срцеви болести се многу пониски во посиромашните земји и во оние со среден доход отколку во богатите држави.

Меѓу анализираните земји се Аргентина, Бангладеш, Бразил, Чиле, Филипини, Индија, Иран, Канада, Кина, Колумбија, Малезија, Пакистан, Полска, Саудиска Арабија, Шведска, Танзанија, Турција, Обединети Арапски Емирати и Зимбабве.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје