X
 14.07.2017 Наука

Постојаната зафатеност ја убива способноста за креативно размислување

Во денешново модерно време често сме зафатени, односно постојано со нешто се занимаваме. И слободното време се користи за социјалните мрежи, гледање ТВ и слично. Едноставно се фокусираме на многу работи и постојано сме зафатени. Неодамнешна студија покажува дека креативноста е на удар кога сте зафатени.


Идејата е да се создаде баланс помеѓу линеарното размислување, кое бара интензивен фокус, и креативното мислење, кое најмногу се раѓа од безделничење. Префрлањето од едната кон другата состојба е најдобриот начин да се заврши добра и инвентивна работа, сметаат експертите. Линеарното размислување е дел од нашата централна извршна мрежа во мозокот и способноста на мозокот да се фокусира, додека пак креативното мислење е дел од стандардната мозочна мрежа.

Креативноста е таа што го поттикнува денското сонување и стимулира слободен проток на идеи. За креативноста да ја достигне својата кулминација, потребни се време, медитација, па и гледање во една точка, велат експертите. Тоа е невозможно ако постојано гледаме во нашиот телефон, дури и кога имаме слободно време. Мозокот на тој начин постојано е стимулиран и не му дозволуваме да одмори. Поради тоа, често се јавуваат иритација и нервоза.

Таквиот начин е опасен за квалитетот на животот. Тесла добил идеја за ротирачките магнетни полиња додека бил на прошетка во Будимпешта, Ајнштајн сакал да се релаксира и да го слуша Моцарт кога правел пауза од интензивно размислување. Досадата, која во денешно време многу ни пречи, најчесто е најдобриот начин за наплив на креативни идеи. Постојаната зафатеност нè претвора во машини што не престануваат со работа. Како да направите пауза и да се одморите?

1. Одете на долга прошетка без вашиот телефон, како дел од секојдневната рутина
2. Излезете од својата комфор-зона
3. Најдете повеќе време за забава и игри
4. Направете баланс помеѓу обврските што бараат концентрација и активностите што не бараат интелектуалност.

Без разлика на вашата професија, флексибилен, отворен ум и начин на размислување се бесценети. Да се изгуби тоа поради постојано проверување на нови објави на социјалните мрежи и правење селфи е навистина тажно, истакнуваат експертите. 
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука