X
 09.02.2021 Наша тема

Кои се следните фази за реформирање на основното образование по собраниската расправа?

Од БРО објаснуваат дека сега министерката Мила Царовска треба да ја потпише, по што во следна фаза ќе се прават нови наставни програми, за потоа да се организираат обуки за наставниците, а и да се распишат огласи за изработка на нови материјали за учење (прирачници, учебници). Сето ова за од следната учебна година, од септември, првачињата и четвртоодделенците да учат по нови методи и програми

Реформа на основното образование ќе има, велат од МОН. Колку ќе биде успешна, ќе се види според тоа како ќе биде сработена нацрт-концепцијата и колку сите чинители во образовниот процес ќе се подготват за неа. Минатата недела универзитетски професори, наставници, академици, претставници на граѓански организации... ги изнесоа своите про- и контраставови за новата нацрт-концепција за основно на собраниска седница. Бранејќи ги тезите што ги застапуваат, едни дадоа поддршка на промените, а други, пак, сметаат дека вакви промени образовниот систем не треба да претрпи. Јавната расправа во Собранието заврши. Согласно законската процедура, концепцијата за основно образование, на предлог од Бирото за развој на образованието, ја носи министерот.
Тоа значи, објаснуваат од БРО, дека сега министерката Мила Царовска треба да ја потпише, по што во следна фаза ќе се прават нови наставни програми, за потоа да се организираат обуки за наставниците, а и да се распишат огласи за изработка на нови материјали за учење (прирачници, учебници). Сето ова за од следната учебна година, од септември, првачињата и четвртоодделенците да учат по нови методи и програми.
Од 1. до 3. ќе се учи Општество, од 4. до 9. - Историја и општество



На собраниската расправа беа искажани многу ставови. Многу од нив останаа необјавени.

Проф. д-р Владимир Петрушевски од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет јасно кажа дека е против вакви реформи.

- Во сите овие децении, сите реформи завршија на истиот начин, во ќенефот. И смачено ми е веќе. Затоа сум против. Животот ме поучил дека ние ништо не знаеме и не сме научиле. За да правиш нешто, треба да имаш докази дека тоа што го правиш е добро. Не е доволно да имаш добра волја оти патот до пеколот е поплочен со добри намери. Ако МАНУ не дава поддршка, тоа е факт. Ниско е да се повикуваш на мислење на тројца академици што ти оди во прилог, а да го игнорираш ставот на триесет и тројца. Кренете раце засега од оваа работа, ставете ја во мирување и извршете пилот-тестирање на овој модел, не на други. Неприфатливо е да се прави реформа без да се провери (преку пилот-тестирања) дали новиот концепт е оправдан и дали дава добри резултати. А од многу реформи (за ова сме пишувале заедно со професор Ѓорѓи Ивановски во дневниот печат, во 1996 г.)  секогаш сме на почетокот и затоа сум против „реформи“. Можеби најлошо од сè е да ги повторуваш грешките што си ги критикувал во времето кога не си бил на власт. Ова е демонстрација на двоен морал - вели професорот.

Историјата е важен дел од системот

Петар Тодоров од Институтот за национална историја на дебатата даде поддршка на концепцијата и го отвори прашањето зошто учиме историја во образованието и зошто треба да биде важен дел од образованието.

- Сметам дека доста традиционалното разбирање на минатото, во развиениот свет, во демократските општества веќе е надминато, или пак се менува. Со новиот концепт и во предметот кој предвидува да ги интегрира историјата, географијата, граѓанското образование, ќе се отстранат недостатоците, пред сè, во наставната програма, но и во учебниците. Концепцијата треба да ги унапреди и развива рамноправноста, меѓуетничката толеранција, разбирањето за другите, за нивните култури и вредности преку кои ќе се градат совесни и одговорни граѓани. Националните борби и интереси не завршуваат со политичка сувереност, национални борби за интереси се и борби за родова рамноправност, човекови права, права на заедниците, маргинализираните групи, борби не за да ја политизираме историјата и да ги обвинуваме другите дека се помали Македонци и предавници - рече Тодоров.

Проф. д-р Катерина Русевска од ПМФ смета дека потврда за успехот на една реформа треба да биде спроведување на пилот-проект во неколку училишта, на пример, десетина од различни средини, со различен број ученици и слично.

- Зошто новата концепција не предвидува вакво нешто? Ако работната група, пред сè, педагозите, со секоја почит кон нив, навистина се грижат за доброто и напредокот на учениците кај нас, нели треба добро да размислат по сите реакции, пред сè, од засегнатите факултети, на најдобриот универзитет кај нас? А покрај нив и од МАНУ. Се повикувам на официјалните реакции од институциите, а не на поединци од нив. Па, во оваа насока сакам да прашам кои се критериумите по кои се оценува дали предлозите и забелешките се конструктивни? Како се прави селекцијата на конструктивни и неконструктивни предлози? Претпоставувам дека има некои критериуми. За крај ќе кажам дека голем број универзитетски професори од Македонија, кои сме реномирани во Европа и во светот, секој во својата област на истражување, посветивме многу време и енергија на новата концепција. Лично мислам дека ќе беше многу поконструктивно доколку тоа го вложевме во подготовка на квалитетна реформа со потврда за нејзиниот успех - смета професорката.

Како да се прават реформи во партизиран систем, колку многу се потребни...

Академик Абдулменаф Беџети на јавната расправа кажа дека жали што МАНУ не успеа да изгради заеднички став за новата концепција. Тој истакна дека се неопходни реформи и потсети дека квалитетот на образованието е значаен фактор при мерењето на развојот на општеството.

- Квалитетот го дава човекот. Денеска Обединетите нации, во третиот милениум, го мерат развојот на општеството по индексот на човековиот развој и тоа врз основа на три фактори. Прво, материјалниот фактор, односно БДП, втор е квалитетот на образование, а трет е здравство, односно просечниот животен век - рече Беџети.



Малчески: Не се направени анализи

Проф. д-р Самоил Малчевски од Меѓународниот славјански универзитет кажа дека пред да се воведат реформи во системот, потребно е да се направат анализи за постојните состојби, како и споредбена анализа.

- Такво нешто не видовме, видовме само некое истражување направено во ноември 2020 година, за кое ниту има методолошка рамка ниту има тим кој го спровел истражувањето. Понатаму, се прави анализа со другите земји. Таква анализа нема. Ако ја направите, ќе видите дека никаде нема вакво нешто што се вика ваква нацрт-концепција. Што ќе правите со натпреварите, тие се важни? Нема никаков приказ како ќе се оценува. Оваа концепција е и спротивна на актите на МОН - кажа Малчески.

Никаде во светот предметот Природни науки не го предаваат тројца професори

Проф. д-р Марија Стојановска од ПМФ смета дека е одлична идејата за континуитет во изучувањето на природните науки, но никаде во светот еден предмет во основното образование (во случајов Природни науки) не се предава од страна на тројца (или дури и четворица) наставници со вкупно пет часа неделно и една завршна оценка, со „опис на преференциите во додатокот на свидетелство“.
- Изучувањето на овие предмети од 7. до 9. одд. како одделни предмети е важно поради понатамошното насочување на учениците кон средните училишта. Воведувањето на нови предмети или модифицирањето на постојните мора да биде усогласено со наставните програми на факултетите на кои се едуцираат идни наставници во одделенска и предметна настава, а наставниот кадар по предмети за кои постојат веќе акредитирани студии треба да биде единствено од редот на дипломираните студенти на наставните насоки на соодветните факултети - смета професорката.

Најчевска: Промени требаше да се случат уште пред 30 години

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за политички, правни и социолошки истражувања истакна дека се дебатира за промена која требаше да се случи уште пред 30 години кога се осамостоивме како држава.

- Образованието требаше да го смениме уште кога ја сменивме целата вредносна рамка на општеството, а ние не го направивме тоа. Оваа концепција ја содржи Конвенцијата за правата на децата. Токму затоа во оваа концепција го гледам најдобриот интерес на децата, кој некогаш е против интересите на возрасните, наставниците, директорите, на партиите. Токму во оваа концепција гледам создавање на слободни и одговорни граѓани - рече Најчевска.

За професорката Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки, новата концепција е лекот за да се излезе од маѓепсаниот круг на авторитаризмот.
- Сметам дека оваа концепција не е избрзана, туку напротив, задоцнета. Според мене, има недостаток, а тоа е дека не е доволно радикална и не е доволно смела - кажа Колозова.

„Реформата е добра за развој на уметничкиот дух“

Филип Фидановски, директор на „Лазар Личеноски“, вели дека реформата е добра за развој на уметничкиот дух кај децата од најмала возраст и развивање на талентите.

- Се нуди создавање на училиште во кое уметноста од форма преточена во број на часови, најчесто и здодевни за учениците, прераснува во суштина, во клима и однос на учењето и живеењето во училиштето. Преку автономијата што ја добиваат наставниците по ликовно образование, а и оние по музичко образование, тие ја добиваат и вистинската улога, па тие не се само наставници на час, туку и креатори, уметници на просторот и атмосферата во училиштето - рече Фидановски.

Фадби Османи, професор и декан на Педагошкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, вели дека целосно се согласува со интегрирањето на предметите затоа што сега имаме повторување на исти содржини во различни предмети.
- Сите сме свесни дека треба да се реформира образованието. Знаеме дека образованието бара нов приод. Самата концепција го поврзува училиштето и научната јавност се занимава со оваа проблематика. Лично не се согласувам со отфрлање на концепцијата. Сите знаеме какви се резултатите од тестирањата и дека треба да се смени, но кога ќе се смени ако даваме отпор - вели Османи.

Цветковиќ: Училиштето да овозможи развој на потенцијалот на секое дете

Ирена Цветковиќ од Коалиција „Маргини“ рече дека ја поддржува концепцијата со која се овозможува развој на потенцијалот на секое дете.

- Училиштето мора да биде безбедна средина која ќе овозможи раст и развој на целокупниот личен потенцијал на секое дете. Особено во основното образование се многу важни градењето на демократските капацитети, вредности и ставови кај младите - рече Цветковиќ.

Споменка Лазаровска од Фондацијата „Отворено општество“ на јавната расправа истакна дека се неопходни промени во образованието.

- Новата концепција нуди современ пристап на учење, нешто што е многу важно. Оваа концепција е добра затоа што го намалува фактографското учење, а истовремено се поттикнуваат креативноста и критичното мислење и децата ќе учат како да учат. Првпат се воведува флексибилност и настава која им овозможува на децата да имаат избор да го учат тоа што е во фокусот на нивните лични интереси, со што им се овозможува да го истакнат својот полн потенцијал. Училиштата ќе имаат слобода, а наставниците автономија. Со концепцијата ќе се намали образовниот јаз кај помалобројните заедници во државата затоа што ќе имаат можност за избор на материјали за учење кои сега не се достапни на сите наставни јазици - рече Лазаревска.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема