X
 09.02.2021 Здравје

Од утре секој може да се пријави за вакцина против Ковид-19

Веб-страницата за пријавување и изразување интерес за вакцинација против Ковид-19 се очекува  утре да биде во функција. Тоа значи дека буквално секој може да се пријави. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите што немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација, па кога ќе им дојде редот за вакцинација, ќе им стигне известување соодветно.

- Значи волјата се изразува еднаш преку регистрација на страницата - појасни Филипче.

На прашање како ќе имаат контрола дека матичните лекари им се јавиле на своите пациенти, Филипче рече дека тоа ќе биде на тој начин што ќе има потврда назад до системот „Мој термин“ дека тие се согласни да бидат вакцинирани.

 - Ние го имаме точниот список. Сега веќе зборуваме за другата приоритетна категоријата на повозрасни граѓани над 70 години, кои исто така влегуваат во овој прв круг на вакцинација. По контактирањето од страна на матичниот лекар, информацијата се регистрира во системот „Мој термин“, во кој се кажува волјата за вакцинација и понатаму се прави точен распоред со време и пункт согласно близината на местото на живеење и тоа е доволно да се закаже термин, па нормално дека ќе се очекува граѓанинот да се јави на вакцинација - истакна Филипче.

Тој вели дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, согласно бројот на вакцини што ќе бидат на располагање, како и приоритетните групи според кои ќе се спроведува имунизацијата.

- Денеска разговаравме за тоа како ќе бидат организирани пунктовите за вакцинација во Здравствениот дом во Скопје - во поликлиниките во Ченто, Букурешт, Јане Сандански во две смени. По една смена ќе работат пунктовите во поликлиниките Ѓорче Петров, Млин Балкан и сите 7 поликлиники ќе бидат активни. Капацитетот за вакцинирање во скопските поликлиники на ден изнесува 880 лица и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје - потенцира министерот Филипче.

Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.

- Вакцинацијата во другите градови ќе се спроведува во вакциналните пунктови, по примерот на вакцинацијата за сезонски грип. Сега ги утврдивме местата, како и лекарите, медицинските сестри, искусните тимови кои ќе работат со системот на вакцинација и специјализантите кои ќе бидат во еден дел повлечени од специјализација од Клиниката за детски болести, за што исто така е направен распоред. Понатаму, местата каде што ќе се чуваат вакцините, во фрижидерите на температура за вакцините од Кина од 3 до 8 степени, а веќе е спремен еден фрижидер на температура од -70 степени. Во оној момент кога ќе стигнат вакцините, може практично да започне процесот на вакцинација - рече министерот Филипче.

Тој информира дека овие денови правната служба интензивно разговара за транспортот и посочи дека за кратко време ќе се знае и точниот датум на испорака на вакцините во нашата земја.

Директорот на Здравствениот дом во Скопје, д-р Виктор Исјановски, рече дека работното време во трите поголеми поликлиники Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе биде во периодот од 8:00 до 20:00 часот.

- Оние деца што се на претшколска или школска возраст ќе бидат упатувани отсабајле во поликлиниката Ѓорче Петров или, пак, ќе бидат упатувани во амбулантата во Карпош за да не бидат загрозени и тој тип на имунизација да продолжи и понатаму. Останатите 4 поликлиники ќе работат во попладневните часови, со капацитетите со кои располагаме. Мислам дека е доволно во овој момент да опфатиме 22 позиции. Мислам дека со текот на времето ќе може терминот од 10 минути да го намалиме на 5 минути за вакцинацијата да оди побрзо - изјави д-р Исјановски.

Фото: МЗ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје