Веб-страницата „Вебометрикс“, која прави рангирање на универзитетите во светот, ја објави најновата ранг-листа на најдобри универзитети.
На првите три места се наоѓаат универзитети од САД. Прв е „Харвард“, а по него следуваат „Стенфорд“ и Технолошкиот институт во Масачусетс.
Од универзитетите во Македонија, на највисоко место се наоѓа Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а се наоѓа на 1.598. место. Сепак, најстариот универзитет во земјава бележи пад бидејќи минатата година се најде на 1.526. место. Тоа е пад од 72 места.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се најде на 2.995 место и тој бележи напредок. Имено, УГД лани беше на 3.632. место, што значи дека годинава се искачил за 637 места погоре на листата.
Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола годинава е на 3.647. место и забележа огромен напредок од 1.400 места на светското рангирање откако лани беше рангиран на 5.047. место.
Универзитетот на Југоисточна Европа се најде на 4.567. место на ранг-листата. На 4.633. место се најде Државниот универзитет во Тетово, а најлошо рангиран универзитет во Македонија е „Визион“, кој се најде на 32.029. место.
Универзитетите се рангирани според нивното влијание, отвореност и исклучителност.