X
 19.03.2021 Наша тема

Кога бев студент со актерката Сара Климоска, една од 10. европски ѕвезди во подем: Студентските денови - тоа искуство вреди за 3 факултети

Студентските денови се најважниот период од мојот живот. Многу забава, дружба, работа, емотивен дисбаланс, стрес, уживање, слобода, учење... Од сè по многу, вели актерката Сара Климоска, која е дел од десетте европски откритија „Европски ѕвезди во подем 2021“ на Европската филмска промоција

Студентските денови се најважниот период од мојот живот. Тоа искуство вреди за 3 факултети, не за еден, вели актерката Сара Климоска.
ФДУ никогаш не претставувал опција за неа. Имала огромна желба да се запише на балетска академија – модерни танци. Но се заљубила во факултетот за една недела додека траел приемниот.
- Цела вечер пред резултатите плачев превентивно за во случај да не ме примат - вели Сара за рубриката „Кога бев студент“, која се реализира во соработка со „Пивара Скопје“.
Таа е дел од десетте европски откритија „Европски ѕвезди во подем 2021“ на Европската филмска промоција, поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов - „Лена и Владимир“ во продукција на „Минд продукција“.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.


Испит Актерска игра, „Мечки“ - Чехов

Сопствениците на бифето на ФДУ се еднакво важни како професорите

Основното образование го заврши во „Св. Климент Охридски“, а средното образование во истоимената гимназија во Охрид.
- Во основно бев одличен ученик. Бев многу мирно и рационално дете сè до екот на тинејџерските години, а тоа беше крај на основно и почеток на средно образование. Станав многу љубопитна, бунтовна и правдољубива и ретко кој од професорите тогаш можеше да излезе накрај со мене - вели Сара.


Дипломска претстава „Аудиција“, со Тамара Ристовска


Дипломска претстава „Аудиција“

Студираше актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје и дипломира во класата 13 на професорката Сузана Киранџиска и Кристина Леловац.
- Речиси целиот мој живот се занимавав со танц и имав огромна желба да се запишам на балетска академија – модерни танци. ФДУ никогаш не претставуваше опција за мене. Но, преку разговор со мојата сестра Ана, ми објасни дека преку актерска игра веројатно имам поголема можност да се изразам како сценски изведувач. Не бев убедена, но сепак отидов на приемен и толку се заљубив во факултетот во таа една недела додека траеше приемниот, што цела вечер пред резултатите плачев превентивно за во случај да не ме примат. Среќа, сè се заврши добро - вели Климоска.


Дружба меѓу часови; Со класата



На прашањето што прво ви паѓа на памет кога ќе се присетите на студентските денови, вели:

- Само што го прочитав ова прашање веднаш ми надојдоа носталгични спомени од студентските денови! Прво ми паѓа на памет фестивалот „Скомрахи“, па претставите/завршните испити и журките што се случуваа во бифето на ФДУ. И всушност и бифето игра огромна улога за студентите на тој факултет. Тоа беше нашето комфорна зона каде што сите студенти од цел факултет се собираа. Таму можеше да го споделиш секој проблем со кој се соочуваш и да побараш совет, таму се случуваа контактите и дружбите, таму се споделуваа искуства и таму дури и се работеа ликовите за испит. Сопствениците на бифето, Вики и Гого, се важни колку сите професори на факултетот - раскажува Сара.


Дружба со професорките

Просек 9,87

Омилени предмети ѝ биле актерска игра и сценски движења и танци. А факултетот го завршила со висок просек - 9,87.

- Студентските денови се најважниот период од мојот живот. Многу забава, дружба, работа, емотивен дисбаланс, стрес, уживање, слобода, учење... Од сè по многу. Јас студирав со една одлична генерација на студенти и сите заедно ги искусивме студентските протести и студентската окупација. Тоа искуство вреди за 3 факултети, не за еден. Нашиот факултет заедно со сите професори беше единствениот факултет што ни даде целосна, безрезервна поддршка за време на студентскиот бунт. Навистина ние од ФДУ бевме привилегирани во однос на тоа. Дури и повеќето од состаноците на почетокот се случуваа токму во просториите на ФДУ. Се чувствуваше духот на револуција и солидарност. Во тој период нашата класа ја направи најдобрата претстава „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел во соработка со дечките од Кула, кои ни ги изработија маските, и со професорот Марјан Нечак, кој ни ја изработи музиката. Мотото на претставата беше соодветно за ситуацијата: „Сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите“ - додава Климоска.


Испит Актерска игра - „Мртви души“

На ФДУ нема досаден дел

Мемори-архивата од студентските денови ѝ е полна со забава и смеа, но вели дека тоа се интерни смешки.

- Редовна навика и ритуал пред испит беше стрес и анксиозност бидејќи никогаш не можеш да бидеш сигурен како ќе ја одиграш улогата. На нашиот факултет важно е да се биде присутен и да се работи таму, нема многу работа од дома, бидејќи актерската игра се заснова на колективна работа, ретко на индивидуална. Дури некогаш кога бевме пред испит, преспивавме во таканаречените „базени“ на факултетот за да имаме повеќе време да работиме. А теоретските предмети за мене не беа многу тешки и ги полагав во рок.


Од испит - „Животинска фарма“



Вели дека на ФДУ е тешко да се најде досаден дел од студиите.

- Можам да кажам дека има тежок дел. Првата година е секогаш најтешка додека не се сфати што е тоа што се бара од тебе, но потоа се влегува во ритамот на факултетот. Се сеќавам дека на почетокот моите родители ме прашуваа до колку часот би завршила со предавање, а потоа веќе и тие се навикнаа и сфатија дека на ФДУ нема временска рамка - вели таа.


Испит - Сценски движења и танци

Како охриѓанка, најмногу се мачела со сценскиот говор

Меѓу учењето и дружбата умешно држела баланс.

- И учев и се дружев, и учев дружејќи се. Речиси со сите колеги од факултет останав во контакт и се гледаме одвреме-навреме. Но, Тамара Ристоска и Дарко Набаков се колегите со кои не поминува ден, а да не ги видам или чујам. Ова интервју пред да ви го пратам вам, прво ќе помине низ нивните забелешки и критики - споделува Сара.


Испит со режисерите на ФДУ - „Дупло дно“

Како охриѓанка која за да игра на сцената морала да работи многу на говорот, најмногу се мачела со сценски говор, со техника на глас.

- Меѓутоа, драго ми е што доста работев на тој дел за да можам денес без проблем да играм не мислејќи на говорот. Најголемиот фокус на студирањето ми беше на актерска игра, се разбира. И театарска актерска игра бидејќи главниот фокус на факултетот за актери е театарска игра, не филмска. Мојот сон и идеја беше да работам на претстави во независни трупи, но некако уште од студии почнав повеќе да играм во филм отколку во театар. Драго ми е што денес играм и во двете бидејќи и филмот и театарот нудат посебно и значајно искуство - раскажува Сара.




Со Ману Чао, поддршка на Студентски пленум

Студентски живот без слободно време

Студентските денови ги поминала речиси без слободно време.
- Ако не бев на предавање, се дружев со колегите или читав за да го подготвам теоретскиот испит. Она на што ме научи факултетот надвор од теоретскиот дел и актерската игра е пожртвуваност, солидарност, емпатија, борбеност, идеологија, етика! Факултетот е мојата матична куќа. Секогаш се навраќам на предавањата таму кога реферирам на нешто. Горда сум на сè што сум работела досега, дури и тогаш кога сум „утнала“ бидејќи сум научила огромна лекција. И мојот совет до идните колеги е тake it all! Само од тебе зависи колку сакаш да научиш и да се надградиш - вели таа.


На протест, Студентски пленум со проф. Синоличка Трпкова



Сара Климоска за краток период стана препознатливо име. Успешните улоги високо ја вивнаа.
Актерските остварувања ја искачија на врвот на современиот актерски израз. Таа за себе вели дека не цели кон конкретен врв, туку само се надева дека ќе има можност да продолжи да работи со режисери и актери на филм или театар кои ќе бидат инспиративни и предизвикувачки за неа.



Фото: Приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска / sanja.jacevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема