Околу 14 милиони американски ученици одат во училишта без ниеден советник, медицинска сестра, психолог или социјален работник, покажува нов извештај од Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ). Но, нивните училишта вработуваат полицајци.
Несразмерноста веројатно ќе се влошува откако масовното пукање во Парклан, Флорида, ги инспирира федералната влада и многу законодавни тела да се залагаат за зајакната безбедност на кампусите и да го приоретизираат „зацврстувањето“ на училиштата.
- Има опасен тренд во давањето приоритет на спроведувањето на законот како одговор на безбедноста во училиштата кога нема докази кои би сугерирале дека тоа ќе ги подобри нештата - истакна Aмир Витикер, коавтор на извештајот.
Во извештајот се анализирани податоци од федералната влада. Владата првин почна да собира податоци за тоа колку социјални работници, медицински сестри и психолози се вработени во училиштата во 2016 година, а резултатите беа објавени во април минатата година. Бројките биле наведени од самите училишта, па може и да не се сигурни. Сепак, Витикер истакнува дека тоа се единствените податоци што ги имаат на располагање.
Оние 14 милиони ученици кои имаат најмалку еден полицаец, а немаат психолог, медицинска сестра, социјален работник или советник се околу 31 отсто од сите ученици во САД. Во некои сојузни држави, како Јута и Тенеси, повеќе од 50 отсто од учениците одат во такви училишта.
Во многу случаи училиштата им даваат приоритет на безбедноста и полицијата, а не на медицинската грижа или поддршката за менталното здравје.
Ниту една сојузна држава не го исполнува препорачаниот просечен сразмер од 250 ученици на еден социјален работник во училиштата. Националниот просек е 2.106 ученици на секој социјален работник. Има потреба од психолошка поддршка за учениците. Податоците од центрите за контрола и превенција на болести покажуваат дека степенот на самоубиства кај децата на возраст од 10 до 17 години се зголемил за околу 70 отсто во периодот меѓу 2006 и 2016 година.
И како што сѐ повеќе полицајци работат во училиштата, има докази дека сè повеќе деца се канализирани во кривично-правниот систем, дури и за мали
прекршоци.