Пред студентските домови во Скопје - празно. Штама. Ништо поразлично и внатре. Низ ходниците само понекој студент кој брза назад в соба. Нема вести во ТВ-салите, нема музика, нема кафе-муабет или партија јамб во клубовите. Читалниците празни. Во мензите не тропаат чиниите, од собите не ечи песна, спортските терени како и да не постојат
И во пензионерски дом е поживо, се шегува студент во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда. Пандемија е, нема журкање, нема седење до 5 сабајле по 10 луѓе во соба за тројца, нема родендени кај комшиите, нема честење за шестката на цимерот. Ја нема старата позната слика од студентските домови, ама нема ни толку студенти. Во некои домови капацитетот е намален за трипати, па голем дел од студентите се сами в соба или по двајца во трокреветна. Диско веќе никој и не споменува. Освен кога си се жалат меѓусебно „кога ли ќе помине коронава“?
За тоа како се живее во време на пандемија во студентските домови, разговаравме со неколку студенти.
„Стив Наумов“
Бидува ли „Стив“ без журки?
Марија и Тодор се сместени во „Стив“. Испитна сесија е, ама одвоија време да ни бидат „виртуелни водичи во време на пандемија“. „Стив“ со децении наназад важи за место со добри студентски журки. Сега веќе ги нема. Наместо за забава, се зборува за протоколи. И за испити, се разбира.
- Хигиената редовно се одржува, средства за дезинфекција има пред влезот од зградите и во мензата. Забранети се секакви групирања во собите и во дворот. Забрането е и да седат повеќе од двајца студенти на една маса во мензите. Читалниците се затворени. Можам да кажам дека мерките се почитуваат, сите студенти носат маски при влегување во домот, а доколку не носат, портирите веднаш реагираат. Групирања по соби не сум забележала, а забрането е и одење од една барака во друга или од една соба во друга. Во двокреветните соби може да има само по еден студент, а во трокреветните по двајца студенти. Пред пандемијата тука имаше околу 400 студенти, а сега се околу 50. Чуден е ваквиот начин на живот, го нема метежот од порано што се чувствуваше уште со самото влегување во домот. Во мензата имаше и по 30 студенти одеднаш, а сега едвај по 5, и тоа ретко. Ама се навикнуваме - ни раскажа Марија.
- И повеќе учиме - се смее.
Менза во „Стив Наумов“
Во „Стив“ живее и вториот наш „домски водич“, Тодор Коцевски од Радовиш. Студент е во четврта година на Факултетот за безбедност и дисциплиниран почитувач на ковид-мерките во студентскиот дом. Вели дека групни дружби воопшто нема, а контроли сè повеќе, ама се навикнале на новото нормално.
- На самиот почеток беше чудно, но се привикнеме да функционираме под нови услови во студентските домови. Поради новонастанатата ситуација со коронавирусот, забранети се дружбите во студентските домови, не се организираат диско-забави и не ни е дозволено да примаме гости или ние да отидеме во друга соба. Чуварите вршат редовни контроли за да нема групирања и се бара строго почитување на протоколите, почнувајќи уште од основната дезинфекција на рацете и обувките пред секој влез. За да нема групирања и читалниците се затворени - вели Тодор, кој веќе четврта година живее во студентскиот дом во скопска Автокоманда.
Кога ќе помине короната, новите генерации ќе надоместат и за нас
Тодор не крие дека му недостигаат цимерските дружби, вечерните забави, комшиските седенки по собите. Ама уште потешко му паѓа што е при крај со студиите и тоа што кога ќе помине пандемијата, веќе ќе биде дипломиран и тешко дека ќе има можност за уште некоја добра студентска журка или некоја седенка до сабајле, како пред пандемијата.
- Дел од студентскиот живот е дружбата со комшиите и цимерите, организирањето диско-забави, собирањето по соби. Вистина, тоа е голема празнина во моменталниот начин на студентскиот живот, но веќе се навикнавме. Се надевам дека во најбрзо време ќе се среди ситуацијата и дека пак ќе може сè да функционира како порано. Можеби јас нема да имам можност повторно да присуствувам на некоја студентска забава како студент, бидејќи за мене е сè поблиску крајот на студентскиот живот, ми остануваат уште неколку месеци како станар на студентскиот дом, но се надевам дека од наредната година, за генерациите по мене, ќе се среди сè. Би сакал да им упатам еден апел на сите средношколци, а идни студенти: - Сите вие што планирате да се запишете на факултет, иако имате услови да живеете во станови, ви препорачувам да го доживеете студентскиот живот во студентски дом. Животот во студентски дом е нешто што ќе остане засекогаш во вас, спомените од мојот студентски живот засекогаш ќе ги носам со мене каде и да продолжам да живеам по студирањето. Новите пријателства што ќе ги стекнете ќе останат за цел живот - вели Тодор.
Тодор Коцевски
И Марија е на иста фреквенција. Вели дека порано имаше „загревања“ во собите пред секоја студентска забава, а сега само муабети на клупа во дворот или прошетка наоколу. И никако во групи и задолжително со маска, се разбира.
- Немам зборови со кои би опишала колку недостигаат собирањата, дружбите, џагорот по ходниците, цимерите со кои сè си споделувавме, пијанките на кат пред секоја студентска забава. Слободното време го поминуваме на клупа пред студентскиот дом со маски на лицето. Многу недостигаат дружењата со цимерите и комшиите и стариот начин на живот, но мора да се навикнеме. И добро е што се забранети групирањата и што има строги протоколи, оти само така би спречиле зараза и затворање на студентските домови - вели Марија.
Менза во „Гоце Делчев“
„Гоце“ без кафе во комшии не е „Гоце“
Ни на следната дестинација нема поинаква слика: скопско Тафталиџе, студентски дом „Гоце Делчев“. Станари пред пандемијата 1.200, сега - 600. Ама меѓу толку блокови, низ толку ходници и соби, како да се само 60.
За атмосферата таму ни раскажа Ивана Митевска, студентка во четврта на Филозофскиот факултет и четврта година по ред станарка на популарниот „Гоце“.
- Направени се многу промени и сега ни е достапно само она што е потребно за пристоен, но удобен престој тука. Поради пандемијата, сместени сме по еден студент во соба, за разлика од тоа кога беа нормални условите и кога собата ја делевме со уште еден цимер. Се обидуваме да се приспособиме на ваквите околности. На почетокот не ни беше лесно да се навикнеме дека нема веќе собирање по соби, нема комшиско кафе, нема одење од еден во друг блок, без читалница, без утринско кафе во студентскиот бар, без забави - вели Ивана.
Добро е, додава таа, што најголемиот дел од станарите се свесни дека мора да се придржуваат до протоколите и што повеќето од нас ги почитуваме мерките за добро на сите. Во менза - само по двајца на маса и на безбедно растојание, а читалницата е под клуч.
- Читалницата е затворена од почетокот на пандемијата, ама тоа и не е некој голем проблем со оглед на тоа што сме сами во соба и можеме таму да учиме - вели Ивана и признава дека ситни кршења на протоколите има, најчесто комшиски, на ист кат, ама дека е тоа далеку од загрозување на здравјето.
Соба во „Гоце Делчев“
„Пуштете“ ни интернет
Марија, Тодор и Ивана се сложни уште во едно нешто. Новите услови, пандемијата, протоколите и строгите мерки ги натерале речиси сите да гледаат пошироко и да мислат подлабоко. Велат дека има тешки моменти, часови на криза и слабост, но многумина научиле да ја гледаат позитивната страна на ситуацијата.
- Единствено добро во целата оваа ситуација е тоа што сме сами во соба и имаме повеќе време за учење. Ова, пред сè, влијае врз психата на секој поединец, па и врз нас, студентите, во овие години кои треба да ги поминеме во дружба, забава и смеа. За жал, во овие моменти тоа нема да го искусиме како минатите години. Секојдневието на секој од нас би било подобро доколку ситуацијата би се стабилизирала и никој не би бил принуден да почитува одредени мерки - вели Ивана.
„Стив Наумов“
Тодор вели дека треба да се погледне и од друг агол.
- Не е сè така црно за студентите во оваа ситуација. Ако ја погледнеме од друг агол, некои студенти имаат и бенефит. Оние што претходно повеќе внимание посветија на забавите, а помалку на студирањето, сега имаат повеќе време за учење, можат да си ги исчистат заостанатите испити, а потоа и да ги наполнат батериите за забавите што следуваат по пандемијата - вели Тодор.
На крајот од дружбата Марија нè испрати со желба да пренесеме една порака, од неа и од сите станари: - Да се приклучи интернет-врска во сите згради и во секој студентски дом, оти студентите имаат комбинирана настава - и онлајн и со физичко присуство.
Фото: Приватни архиви