Ново истражување посочува дека оние што живееле и работеле сами за време на пандемијата ги преживеале најлошите ефекти
Работата од дома за време на пандемијата на коронавирусот предизвикала зголемени нивоа на осаменост и нарушувања на менталното здравје, покажува ново истражување за тоа како работниците биле погодени од кризата.
Од британскиот Национален центар за социјални истражувања утврдиле дека најголемите зголемувања на нарушувањата на менталното здравје и осаменост за време на пандемијата биле почувствувани од најизолираните групи - оние што работеле од дома и живееле сами. Сепак, она што ги изненадило истражувачите е тоа што луѓето што работеле од дома и живееле со други луѓе исто така искусиле значително зголемена осаменост, која не била почувствувана од страна на оние што работеле надвор од дома.
Аналитичарите испитувале податоци од 8.675 испитаници собрани пред пандемијата и во мај, јули и ноември 2020 година. Тие утврдиле дека луѓето што можеле да работат од дома немале финансиски тешкотии кои може да го влошат менталното здравје. Сепак, кога финансиите, осаменоста и демографските карактеристики биле контролирани за истражувањето, луѓето што работеле од дома имале понарушено ментално здравје.
- Повеќе луѓе од кога било сега работиме од дома и ја користиме технологијата за да замениме многу аспекти од работата што претходно сме ги правеле со физичко присуство, но тоа не може целосно да ја замени работната средина - вели Изабел Тејлор од центарот, која посочува дека работниците, работодавците и властите треба да бидат свесни за влијанието што работата од дома го има врз менталното здравје на луѓето.
Во изданието на центарот се наведува дека има и други работи што треба да се земат предвид, вклучувајќи ги и интеракциите меѓу колегите и појасното одделување на работата од личниот живот, што може да игра улога во нарушувањата на менталното здравје.
- Недостигот на нови искуства и интеракции лице в лице за време на пандемијата може да придонесе за зголемено нарушување на менталното здравје за некои работници кои не би се класифицирале како осамени - пишува во изданието.
Извор:
Guardian
Насловна фотографија: Freepik