Тестирањата како ПИРЛС, ПИСА, ТИМС траат по 3-4 часа. Кога не е за оценка, не се трудат да напишат. Она што недостига е да им се објасни на наставниците и на децата дека тие се нашата репрезентација надвор во однос на квалитетот на образование и дека треба максимално да ги покажат своите знаења, вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар
Одговорните во Државниот испитен центар направиле анализа на тоа зошто нашите ученици покажуваат послаби резултати на меѓународните тестирања. Детектирано е дека резултатите се слаби поради немотивираноста на учениците и наставниците за овие тестирања бидејќи едноставно не треба да покажат знаење за да добијат оценка, иако можеби знаењето го имаат.
- Тестирањата како ПИРЛС, ПИСА, ТИМСС траат по 3-4 часа. Кога не е за оценка, не се трудат да напишат. Она што недостига е да им се објасни на наставниците и на децата дека тие се нашата репрезентација надвор во однос на квалитетот на образование и дека треба максимално да ги покажат своите знаења – вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.
Денеска се спроведува пробно ТИМСС-тестирање со цел да се видат трендовите на познавањата и знаењата на учениците по предметите математика и природни науки. Наумовска информира дека вакво тестирање сме имале во 2019 година, а следното главно тестирање треба да се случи во 2023 година.
- Првпат полагањето ќе биде на компјутер, ќе се полага електронски. Оваа година „пилотираме“, чекаме дополнително да видиме уште кои училишта ќе бидат вклучени и да го спроведеме. Ќе учествуваат ученици од 4. одделение, во одреден број училишта. Самите задачи се поставени на тој начин што целта е да се види дали го разбираат тоа што го читаат. Тоа се проблемски задачи, од областите математика и природни науки. ТИМС-истражувањето го спроведува Меѓународната агенција за евалуација со седиште во Амстердам. Во Бостон имаат централа која ги обработува податоците – вели Наумовска.
Освен тоа, Државниот испитен центар се подготвува и за претстојното ПИСА-тестирање.
- Во април и во мај ќе спроведуваме регуларно меѓународно тестирање ПИСА за учениците од прва година средно. Веќе имавме пробно во септември, кое се изведе на компјутери. Тогаш го тестиравме системот. Има задачи кои треба учениците да ги одговараат. Имаме обезбедено лаптопи за оние училишта што немаат соодветна компјутерска опрема и соодветен понапреден софтвер. Сега ПИСА-тестирање ќе се спроведе во сите средни училишта, но ќе учествуваат од 60 до 90 ученици, избрани по случаен избор. Во ПИСА се проверува читање со разбирање, математичка писменост и креативност. Ќе имаат проблемски прашања на кои треба да изнајадат креативни решенија на проблемите. ПИСА е програма за меѓународно оценување на учениците кое го организира ОЕЦД во рамки на ЕУ – вели Наумовска.
Досега Македонија учествувала во ПИСА во 2000 година, во 2015 и во 2018 година. Најслаби резултати нашите ученици покажале во 2015 година.
Што се ТИМСС, ПИРЛС и ПИСА?
ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународната студија по математика и природна група предмети која ги мери знаењата во овие области во четврто и во осмо одделение. Преку прашалниците за ученици, наставници и директори се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигнувањата на учениците.
ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование, на возраст од 15 години, главно во три подрачја - оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост, писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.
ПИРЛС (Progress in International Reading Literacy Study) е меѓународната студија за проверка на способноста на учениците од 9-10 годишна возраст за читање со разбирање. Таа е фокусирана на три аспекти поврзани со читањето - процесот на разбирање, целите заради кои учениците читаат и навиките и ставовите за читањето.