X
 13.07.2021 Наша тема

ДИЦ набавува лаптопи за средношколците да полагаат ПИСА. Ќе се носат од училиште во училиште

Тестовите ќе се полагаат на лаптопи што ги набавуваме ние. Во моментов немаме доволно, но набавуваме постепено. Имаме набавено 20, Светска банка ќе ни обезбеди 70, а ќе имаме дополнително уште уреди. Еден ден ќе се оди во едно училиште да полагаат на лаптопите, друг ден во друго училиште, вели Наумовска

Од септември претстои ново тестирање во средното образование, за сите ученици во прва година средно. Станува збор за меѓународниот проект ПИСА, кој ги мери знаењата по јазична и математичка писменост, и првпат во нашата држава ќе се спроведе на компјутер. Наесен тестирањето ќе биде пробно, а во април и јуни  ќе се реализира главното тестирање.

- Со почетокот на новата учебна година, односно во септември и во октомври, Државниот испитен центар - ДИЦ во соработка со училиштата за средно образование ќе организира пробно ПИСА-тестирање со цел да видиме како ќе функционира новиот модел на електронското одговарање на прашањата. Ова го правиме по теркот на високоразвиените европски држави. Прашањата ќе бидат со заокружување, со дополнување... ќе има секаков тип прашања. ПИСА е тестирање за јазична и математичка писменост. Во пробното тестирање ќе учествуваат по 60 ученици од сите средни училишта во Македонија (од над 100 училишта) - вели Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ.

Полагањето нема да биде во исто време за сите ученици. Ќе трае неколку недели. Прашањата нема да се идентични за сите средношколци.

- Тестовите ќе се полагаат на лаптопи што ги набавуваме ние. Во моментов немаме доволно, но постепено набавуваме. Имаме набавено 20, Светска банка ќе ни обезбеди 70, а ќе имаме дополнително уште уреди. Во еден ден ќе се оди во едно училиште да полагаат на лаптопите, друг ден во друго училиште. Инаку има минимум стандарди кои треба да ги исполни компјутерот, па набавуваме соодветни. Пролетва веќе анкетиравме училишта за да видиме колку од нив имаат свои уреди и веќе имаме некаква слика за состојбата. Некои училишта имаат, некои немаат. Со онлајн-наставата изминатава година повеќето училишта имаат набавено уреди, дури и оние во помалите градови. Во Скопје ваков проблем со недостиг нема - појаснува Наумовска.


Елизабета Наумовска

Пробното тестирање ќе служи да се тестира самиот процес на електронско одговарање на прашањата, но и првично да се согледаат предзнаењата на учениците.

- Тоа ќе помогне да ги научиме наставниците во средните училишта да работат со учениците поинтензивно во тие подрачјата каде што на пробното ќе има забелешки. Главното тестирање е во април и во мај – информира директорката.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема