X
 05.05.2022 Образование

Ќе се продолжи рокот за полагање на проектната задача за матурантите, најави Наумовска

На државната матура нема да има прашања од наставниот материјал што требаше да се помине кога имаше штрајк во училиштата

Нови рокови за полагање на проектната задача ќе добијат матурантите поради пропуштените часови за време на штрајкот.

Државниот испитен центар и Министерството за образование и наука се договориле за продолжување на рокот за полагање на 19 мај годинава, односно до крајот на наставната година за матурантите.

Ова го потврдува и Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ), која посочува и дека воедно на испитите од државната матура нема да има прашања од наставниот материјал од времето на штрајкот во училиштата.

- Учениците што не ја положија проектната задача, за која законскиот рок беше 21 април, ќе имаат дополнителен период да ја положат до 19 мај кога, според календарот за наставни денови, завршува учебната година за матурантите - вели таа.

Околу 1.600 ученици или нешто повеќе од 10 отсто од вкупниот број пријавени за матурата, или околу 16.000 ученици останале без одбранета проектна задача поради штрајкот.


Елизабета Наумовска

Некои училишта ја организирале и за време на штрајкот, а некаде наставници во комисиите одбивале да организираат полагање на оваа задача која е дел од државната матура.

- Согласно календарот, матурантите учат до 19 мај и во рамките на тој период ќе биде продолжен рокот, односно училиштата во текот на наредната недела треба да организираат полагање на проектната задача - рече Наумовска.

Датумите за полагање на двата екстерни испита од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија остануваат непроменети – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

- Освен за проектната задача, сите други рокови остануваат. Има доволно време и простор матурантите да се подготват. И оваа година, како и лани, државна матура ќе полагаат по скратени испитни програми. Материјалот за испитни прашања е црпен од прва, втора, трета и четврта година до месец март и не го опфаќа периодот на штрајкот на наставниците - заклучува таа.

За полагање државна матура во јунската испитна сесија се пријавиле 15.899 матуранти, од кои 7.135 се од гимназиско образование, 8.504 од стручно и 260 се ученици од уметничките училишта.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради ковид-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.
Подготвил: Р.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование