Имаше многу совесни наставници во последното тримесечје, но имаше и такви што едвај им испратија три е-пораки на учениците. Тоа не треба да го дозволиме, децидна е Наумовска
Сите наставници треба да бидат во училница во новата учебна година, без разлика кој модел на настава ќе биде прифатен од Министерството за образование и наука - МОН и препораките што ќе ги даде Комисијата за заразни болести - КЗБ, вели за Факултети.мк заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска.
Иако сѐ уште нема одлука како ќе почне учебната 2020/2021 година поради пандемијата на Ковид-19, КЗБ даде препораки како да се почне, а потоа ќе треба да се донесе конечната одлука. Вчера Комисијата препорача учениците до трето одделение да одат во училиште, а за останатите да има онлајн-настава, односно да учат од дома.
Елизабета Наумовска / Извор: Youtube
Засега е неизвесно дали учебната година ќе почне на 1 септември бидејќи во моментот, како што објасни министерот за образование и наука Арбер Адеми, нема законска можност за онлајн-настава, а поради моментната епидемиолошка состојба, не се препорачува наставата комплетно да почне со физичко присуство на сите ученици. Министерот Адеми вчера објасни дека сите уредби донесени во вонредната состојба се однесувале за минатата учебна година.
- И досега имало предлози да се направат измени во Законот и учебната година да почнува на 15 септември. Тоа го налагаат и климатските промени. Само што почнува учебната година, ја прекинуваме со одбележување државен празник, а и многу семејства го користат септември за годишен одмор надвор од сезоната, бидејќи аранжманите се поевтини. Ова сме го разгледуваме како идеја и пред три години - вели Наумовска.
Таа објаснува дека одложувањето е реална опција бидејќи и да не се формира функционално Собрание кое ќе треба да донесе измени на постојните закони, кои се децидни дека наставата се одвива во училница, министерот може со подзаконски акт да го одложи почетокот. За тоа не треба собраниска одлука.
Наумовска повтори дека засега се во опција три модели на настава. Со физичко присуство, комбинирана и целосна онлајн-настава.
- Во подрачните училишта во руралните средини има по 5-6 ученици кои и така по цел ден играат заедно. Генерално, на тие места има послаб интернет. Ако не постојат индикации за Ковид-19, нема логика за нив да инсистираме на онлајн-настава. Тоа важи и за селата и градовите каде што има солидна епидемиолошка состојба - вели Наумовска.
Втората опција е комбинирана настава. Одделенијата да се поделат на половина. Едната половина една недела ќе оди во школо, а ќе се почитуваат сите протоколи – носење маска, држење дистанца, по еден ученик во клупа итн. Часот ќе се пренесува преку камера и компјутер за сите останати ученици што се дома во реално време да ја следат наставата во живо.
Третиот модел е целосна настава од далечина, но наставниците да ги држат часовите од училница, во реално време и да се пренесуваат до секој ученик.
- Наставниците така нема да бидат во ризична ситуција, нема да имаат контакт со ученици. Но, мора да одат на работа. Имаше многу совесни наставници во последното тримесечје, но имаше и такви што едвај им испратија три е-пораки на учениците. Тоа не треба да го дозволиме - вели Наумовска.
Во последниот модел, според неа, треба да се дозволи ако некој ученик нема можност за онлајн-настава, здрав е и живее блиску до школото, да може да ја следи наставата во училница.
Наставниците со хронични болести кои нема да можат физички од училница да држат настава ќе останат дома и нема да работат. Според Наумовска, бидејќи е кусо времето за распишување огласи за ангажмани на одредено време, ќе се примени можноста за ангажман на наставници за итни и неодложни работи, што е веќе уредено со закон.
На прашањето како ќе се пренесуваат часови на интернет од училница кога училиштата располагаат со оскудна технологија, Наумовска вели:
- Опремата од проектот „Компјутер за секое дете“ е целосно застарена и нефункционална. Идејата е да има лаптоп со камера во секоја училница. „Македонски телеком“ веќе прави испитувања каков интернет има во училиштата. Ние имаме списоци колку училишта имаат потреба од компјутери, чекаме податоци по колку училници има за да се обезбеди опремата - вели Наумовска.