Астероид со големина на олимписки базен моментално има 1 во 625 шанси да удри во Земјата на 14 февруари 2046 година, според листата на ризик управувана од Центарот за координација на објекти блиску до Земјата на Европската вселенска станица, кој ги следи вселенските карпи што можат да бидат потенцијално опасни за Земјата.
Иако ова е релативно висок ризик за удар, голема е веројатноста овој астероид, познат како „2023DW“, да ја промаши нашата планета на Денот на вљубените 2046 година. Астероидот беше откриен пред повеќе од една недела, на 27 февруари, а научниците сè уште ги разработуваат клучните детали за неговата големина, форма и орбитални карактеристики со кои ќе утврдат дали астероидот е вистинска закана.
- Следиме нов астероид наречен „2023DW“ кој има многу мали шанси да удри во Земјата во 2046 година - објави Канцеларијата за координација на планетарна одбрана на НАСА.
- Често кога се откриваат нови објекти, потребни се неколку недели за собирање податоци за да се намалат неизвесностите и соодветно да се предвидат нивните орбити во иднина. Аналитичарите на орбитата ќе продолжат да го следат астероидот и да ги ажурираат предвидувањата како што доаѓаат повеќе податоци - додаваат од Канцеларијата за координација.
Пјеро Сиколи, кој специјализирал за објекти близу до Земјата, од италијанската астрономска опсерваторија Сормано, направил груба процена за тоа каде „2023DW“ би можел да ја погоди нашата планета.
Неговите прелиминарни резултати откриваат потенцијална зона на удар што се протега низ континенталниот дел на САД низ поголемиот дел од Југоисточна Азија, иако тој предупреди дека мапата е само вежба која веројатно ќе биде отфрлена со новите набљудувања.
- Според сегашните податоци, може да се каже дека на 14 февруари 2046 година астероидот ќе помине на растојание од Земјата помеѓу 0 и нешто помалку од два милиони километри.
Светската заедница за планетарна одбрана се подготвува за можноста вселенска карпа да удри во Земјата, иако во овој момент не постои сериозен ризик од таков судир.