Сте се запрашале ли некогаш како би изгледал светот и што би се случило со нас ако го нема Сонцето?
Прва и основна работа што ни ја овозможува Сонцето е сила и енергија за станување од кревет и започнување на секој нов ден. Тоа помага и во јакнењето на нашите коски со помош на витаминот Д кој се создава во телото под влијание на сончевите зраци, но помага и во борбата против повремените сезонски напади на депресија. Со други зборови, без Сонцето би биле недонаспани слабаци со психолошки проблеми, но тоа би било само почеток на сè она што би се изменило на планетава, наведува порталот
Science.
Самата планета би попримила потполно различни и непрепознатливи карактеристики, од кои најзабележителни би биле темнината и студот. Кога би го снемало Сонцето, на Земјата би настапила темнина во рок од 8,5 минути, колку што му е потребно на сончевата светлина да стигне до неа.
Студот би настапил во нешто подолг временски период, но неговите ефекти би биле далеку пострашни. Температурата на планетата би се спуштила на минус 17,8 степени Целзиусови во рок од седум дена.
Недостигот на Сонцето би предизвикал и стопирање на фотосинтезата, процес со кој растенијата ја претвараат сончевата светлина во енергија. Тоа значи дека условите за живот на планетата постепено ќе се намалуваат. Растенијата кои не би извршувале фотосинтеза би ги загубиле своите хранливи вредности, што би резултирало со потенцијален недостиг на храна. Инаку, за температурата на Земјата да падне на минус 73,3 степени што претставува крајна граница на издржливост на повеќето облици на живот, вклучитечно и на човекот - би бил потребен временски период од околу година дена без сончева светлина.
Исчезнувањето на Сонцето, сепак, најдрастично би се одразило во вселената и просторите каде што човечкото око не допира. Ротирајќи околу својата оска, Земјата истовремено ротира и околу Сѝонцето, кое со својата гравитациска сила ги држи во склоп сите планети од сончевиот систем. Без оваа гравитација, Земјата и сите други планети едноставно би се “разбегале” низ вселената. Тоа би водело до нови опасности и можности за судири со комети, метеори дури и со други планети.
Сценариото во кое Сонцето зема “годишен одмор” на седум дена и ги остава земјаните да се снаоѓаат сами како знаат и умеат во тој период, навистина е застрашувачко и нималку посакувано. Па и самата помисла на истото, дури и претстојните есенско-зимски денови со понекој сончев зрак, не изгледаат воопшто како лош избор.