X
 09.04.2021 Наука

Најстарите луѓе во Европа се мешале со неандерталците почесто отколку што се мислело

Дел од првите луѓе што мигрирале во Европа се сретнале со неандерталците што веќе живееле тука пред 45.000 години. Анализа на ДНК од човечки фосили од тој период, кои претставуваат најстари остатоци од луѓе во Европа, покажува дека хомо сапиенсот се мешал со неандерталецот, кој веќе изумирал. Ова мешање се случувало почесто отколку што се претпоставувало претходно, покажуваат две нови истражувања.

Во нив се покажува дека луѓето првпат стигнале во Европа пред околу 50.000 години. Неандерталците се мешале со сите групи што биле откриени досега, па затоа нивните гени живеат во нашата ДНК и денес. Според анализа на остатоци од хомо сапиенси најдени во Бугарија, во нивната ДНК имало 3% или 4% гени на неандерталци.

Оваа анализа била направена од страна на тим воден од Матеја Хајдињак од лондонскиот институт „Френсис Крик“. Старата ДНК била извадена од заб и коски, а било пресметано дека остатоците се стари од 43.000 до 46.000 години. Според Хајдињак, сите индивидуалци пронајдени во Бугарија имале предци неандерталци.

Друга анализа на остатоци од човечки череп пронајдени во Чешка покажала присуство на околу 2% гени во ДНК на фосилот, вели Кеј Прифер од германскиот институт „Макс Планк“. Анализата на овие остатоци покажала дека овој човек исто така живеел пред околу 45.000 години.


Фото: Pixabay

Остатоците во Бугарија и во Чешка не се првите за кои е откриено дека имаат гени на неандерталци во нивниот геном, но веројатно се најстарите. Претходно биле откриени остатоци од луѓе со гени на неандерталци во Сибир и во Романија.

Неандерталците изумреле пред околу 40.000 години, но се претпоставува дека околу 2% од нашата ДНК се гени на неандерталци. Кај луѓето во Африка овој процент е помал.

Хајдињак додава дека луѓето пронајдени во Бугарија претставуваат новооткриено население на стари Европејци што се генски поврзани со денешните луѓе во Источна Азија и домородните Американци, но не и со западните Евроазијци.

Автор: Брус Бауер
Извор: sciencenews.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука