X
 09.04.2026 Живот

Зошто чоколадните зајаци се поврзуваат со Велигден

Чоколадните зајаци се неизоставен дел од велигденските празници - нè чекаат во внимателно наредените велигденски кошнички, нè набљудуваат од излозите декорирани со цвеќе и заземаат почесно место на семејните трпези. 

Нивната приказна започнува многу пред модерната чоколадна индустрија - дали некогаш сте се запрашале како и кога некој дошол на идеја да направи чоколаден зајак?

Уште од пагански времиња зајакот е симбол на плодноста и новиот живот. Во старите европски верувања се поврзувал со доаѓањето на пролетта и обновата на природата, а често се доведувал во врска со германските божества на плодноста. Со текот на времето паганските обичаи се испреплетиле со христијанските велигденски обичаи, а заедничка им била приказната за воскресението и новиот почеток.



Првиот запис за велигденскиот зајак датира од 1682 година, кога германскиот лекар Георг Франк фон Франкенау го објавил делото „За велигденските јајца („De ovis paschalibus“). Во него го опишува обичајот според кој зајакот крие јајца во градините, а потоа децата ги бараат. Ова е првпат зајакот, јајцата и Велигден да бидат поврзани во една традиција, што се смета за „раѓање“ на велигденскиот зајак каков што го познаваме и денес.

Велигденскиот зајак како некој што ги носи јајцата најпрвин се проширил во Германија, а потоа и во остатокот од Европа. Германските доселеници ја пренеле оваа традиција во Соединетите Американски Држави, каде што била дополнително популаризирана. Но, првите зајаци што се јаделе не биле чоколадни, туку се изработувале од тесто и шеќер. Дури во 19 век, со развојот на чоколадната индустрија во Европа, настануваат првите зајаци од чоколадо.

Пресвртна точка настанала во 1828 година кога холандскиот изумител Кунрад ван Хутен развил преса за какао. Со тоа било овозможено производство на мазна чоколада, идеална за обликување во калапи. Слаткарниците набрзо почнале да изработуваат чоколадни фигури на зајаци, со што традицијата го добила својот денешен облик.

Иако првите чоколадни зајаци биле полни, со текот на времето станале шупливи. Причината, пред сè, била економска, но подоцна било заклучено дека шупливите се полесни за гризење, па така и останало. Во текот на 20 век чоколадните зајаци стануваат глобален велигденски симбол.

Денес, велигденските чоколадни зајаци се произведуваат во безброј варијанти – од класична млечна чоколада до премиум верзии со полнења и декорации, а годишно се произведуваат речиси 100 милиони чоколадни зајаци. Најголемиот чоколаден зајак на светот е направен во Бразил во 2014 година – бил висок речиси 4 метри и тежок повеќе од три и пол тони.

Извор: puncofer
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот