Кај нашиот народ постојат повеќе поговорки во кои се споменува Велигден. Така, на пр. се вели: „Секој ден не е Велигден“ или „Катаден Велигден не бидуват“, „Ден за ден дојде и Велигден“ или: „Велигден голем ден“, „На Велигден на благ ден“ итн., со што се укажува не само на фактот дека Велигден се чека со посебна возбуда, туку и на значењето на овој празник
Христовото Воскресение, Велигден, е најголемиот христијански празник. На овој ден се случило воскресението на Господ Исус Христос, што, според теолозите, означува дека спасителот ја извојувал најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта. Празникот, поради својата торжественост, се празнува три дена.
На овој празник му претходат долгите велигденски или велики пости кои траат цели седум недели, не сметајќи ги Сиропусната недела, која е една недела пред Прочка, и Месопусната недела, една недела пред неа.
Според традицијата, македонскиот народ секогаш со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекувал овој празник.
Кај нашиот народ постојат повеќе поговорки во кои се споменува Велигден. Така, на пр., се вели: „Секој ден не е Велигден“ или „Катаден Велигден не бидуват“, „Ден за ден дојде и Велигден“ или: „Велигден голем ден“, „На Велигден на благ ден“ итн., со што се укажува не само на фактот дека Велигден се чека со посебна возбуда, туку и на значењето на овој празник.
Сепак, според фолклористот Марко Китевски, со Велигден се поврзани помалку обичаи отколку со Божиќ или со Ѓурѓовден поради фактот што Велигден не е поврзан со одреден датум како што е тоа случај со други празници, туку секоја година го менува датумот.
Тој вели дека обичаите во Скопско биле на првиот ден од празникот да се седи дома, а на вториот се одело на гости, на ракија, кафе и сл.
За Велигден во нова облека
Во народното верување Велигден и Божиќ се двајца браќа. Божиќ - постар и поскромен, Велигден - помлад и фодул.
Божиќ како домаќин гледал да е полна трпезата: „Ако се боси нозе под трпеза, само да е цело прасе на трпеза“. Затоа луѓето гледаат за Божиќ да заколат прасе и трпезата да е полна со разновидна храна.
Велигден, пак, како млад, гледа да е убаво облечен и да излезе на оро. Затоа за Велигден се купува нова облека, а бидејќи тие што немало да се подноват плачеле, останало да се вели: „Велигден е плачко“.
Затоа, во минатото секое македонско семејство се трудело пред Велигден секому да му се купи по нешто ново или да му се сошие нешто, а тоа особено важело за децата и за помладите, особено за оние што биле пред женење или пред мажење.
Слава на животот
Велигденските јајца се вапсуваат со црвена боја за која се смета дека ја симболизира Христовата крв. Но и инаку црвената боја е боја на радоста, оптимизмот и на животот воопшто. На овој ден јајцата се вапсувале и со други бои, зелена, сина итн.
Обичај било и јајцата да се шараат со разни техники со листови од растенија, со срма и мониста со восок итн. На јајцата се цртале разни шари, но се пишувале и разни имиња и поздрави на младите вљубени. Се пишувало и: Честит Велигден, Христос воскресе!
Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот „Христос воскресе“ прво ги употребила Марија Магдалена. Таа секогаш ги слушала проповедите на Исус, прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исус воскреснат, а по неговото вознесение на небото тргнала по светот да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт, како и неговото воскресение. Кога стигнала во Рим, Марија Магдалена го посетила и императорот Тибериј и подавајќи му црвено јајце, го поздравила со зборовите: „Христос воскресе“. Со тоа го започнала разговорот со императорот на кој како очевидец му зборувала за Исус и неговите добри дела (лекувањето болни, воскреснувањето мртви и сл.), за неправедното обвинување и маченичката смрт.
Затоа, во велигденските обичаи и верувања значајно место имаат црвените велигденски јајца. Меѓу народот се вели: „Го гледа како црвено јајце“ или „Му се тресе како на велигденско јајце“. Тоа е така зашто кај сите народи јајцето претставува извор на животот.
Повеќемина собирачи на македонски народни умотворби, обичаи и верувања, запишале дека во минатото христијанските семејства им испраќале велигденски јајца како поздрав на Турците со кои биле во добри односи.
Шапкарев сведочи дека во Охрид за дар се испраќал колак со 10-15 црвени јајца, што Турците го сметале за голема чест, а непраќањето за провокација.
Моќта на првото вапсано јајце
Според проф. д-р Даворин Трпески од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, во народната култура на Македонците постоело верување дека првото вапсано јајце има извесна моќ, па затоа со него ги погалувале децата. Со првото вапсано јајце биле изведувани многу обичаи и обреди кои се поврзани со плодноста и со бериќетот.
- За главна обредна активност се сметала онаа во која домаќинката со него ги галнува децата и младите по лицата, велејќи: „Здраво живо јајце, добро дошло“. Во Малешево, при бањањето на децата, мајките ги поминувале и со јајце по телото, велејќи: „Да си бел – црвен като јајцето, да си здрав като железото“. И во Прилепско рано изутрината мајките ги поминувале децата по лицето додека тие спиеле, велејќи им три пати „црвено, бело“ за да бидат здрави. Потоа ги изнесувале јајцата надвор „за да ги види Господ“, а подоцна, откако ќе каснеле нешто децата, смееле и јајцата да ги видат. Ова јајце имало моќ и преку целата година да ја варди куќата од секакво зло. Доколку се случело некој човек да се разболи, или доколку тоа ѝ се случело на стоката, им давале по малку од тоа јајце како лек - објаснува етнологот Трпески.
фото: pixabay