X
 27.06.2018 Култура

(Не е) Феминизам

Има една стара изрека - не лае кучето за селото, лае за себе. И ми се чини дека оваа изрека сè помалку држи вода затоа што во денешниот свет луѓето прават сè заради другите, а ништо за себе. Затоа често се несреќни и незадоволни, фрустрирани од сè и сешто, па тоа го проектираат врз селата како во реалниот така и во виртуелниот живот. Како што многу уверувања станаа прашање на мода, а не израз на вистинските ставови и размислувања на луѓето, се чини и дека феминизмот станува тотален мејнстрим, што го поништува првобитното значење на борбата за него и целиот напор што го вложиле нашите претходнички за ние денес да бидеме (колку-толку) рамноправни во општеството.

Постојано се вртат некои статии и емисии кои нè советуваат дека модерната жена треба да живее. Не смееме да бидеме нечија жена. Не мораме да се депилираме. Не мораме да раѓаме деца, ако не го сакаме тоа. Не мораме никогаш да се омажиме. Не мораме да готвиме ручек. Не мораме да ја чистиме куќата.

И со сето ова до некаде се согласувам. Не треба да се изгуби сопствениот идентитет заради оној на сопругот. Не треба ништо да се прави со своето тело ако не се согласуваш. Не треба да се раѓаат деца ако сметаме дека не можеме доволно да ги сакаме. Не треба да се мажиме по секоја цена, дури и за некој што не го сакаме или кој не нè третира правилно, само за да не останеме сами. Не треба да се биде роб на шпоретот, пеглата, крпата. Не треба.

Но  доаѓаме до тоа дека токму ова некого го прави совршено среќен. Се чини дека некако темелите на денешниот феминизам станаа целосно расклатени и почнаа да наметнуваат „уанаби“ модерни видувања каде што од стеблото не можеме да ја видиме шумата. Во ред е да се работи од утро до мрак, да се нема време за готвење ручек, да не се биде само „нечија жена“, но не е во ред изборот да се биде домаќинка и да се посветиш на децата. Тоа ја руши нашата борба за феминизам, таквите жени немаат свое „јас“, немаат сопствени приходи, а веројатно немаат ни диплома. А тоа, во 21 век е голем срам за целокупниот женски род. Никој не се прашува дали некој намерно одбрал да живее така или, пак, тоа го усреќува. Право на жената е да биде она што сака, па дури и „роб“ на сопствената куќа, сопругот, децата, да живее живот каков што самата си избрала. Тоа е феминизам.

И жената која непрестајно работи го избрала својот живот. Од утро до мрак, таа гради кариера, сака да биде запаметена во струката, во државата, во светот. Притоа да има три деца, и тие да немаат секој ден зготвена супа на масата, нивната мајка да пропушти понекоја приредба во училиштето, но да биде задоволна и исполнета, да не се жали дека децата ѝ го „упропастија животот и ѝ ја загрозија кариерата“ и нема секој ден до крајот на животот директно или индиректно да ѝ приговараат дека можела да биде нешто подобро и поголемо, но не е – не заради себе, туку заради нив. И тоа е феминизам.

Феминизам е кога ќе се избањаш, издепилираш, нашминкаш, убаво ќе се облечеш и додека трчаш по улицата се чувствуваш преубаво во сопствената кожа. Феминизам е кога не се депилираш, затоа што не сакаш – те боли, не се шминкаш затоа што не ти е мило – ти смета, не носиш високи потпетици затоа што те болат нозете, тоа е твое право да живееш како што ти сакаш. Не е феминизам кога мавкаш со небричените пазуви на феминистичка парада на улиците на главниот град и сметаш дека тоа ќе му помогне на некое девојче од Африка да добие подобро образование и да не биде обрежано.

Феминизам е и кога со куферот во едната и со детето во другата рака ќе излезеш од домот во кој не си сакана и почитувана. Не е феминизам кога ќе го шлакнеш затоа што „никој не смее да се шегува со тебе“, а ако тој те шлакне тебе, тоа ќе биде семејно насилство.

Феминизам е кога ќе го пријавиш колегата дека секојпат, божем случајно, те допира по долниот дел од грбот на поминување. Не е феминизам кога зборуваш дека сите машки колеги се „стока“.

Феминизам е кога се бориш да имаш еднаква плата и да не те отпуштат кога ќе се вратиш од породилно боледување. Не е феминизам кога говориш дека жените никогаш нема доволно да бидат почитувани затоа што не се мажи, затоа што не постои ниту една професија каде што не сме признаени и реализирани.

Феминизам е кога ќе одбереш да работиш по цел ден, но и да имаш сопруг и деца кои ги сакаш и те сакаат, кои се горди на тебе. Феминизам е и кога ќе одбереш и да не работиш, да гланцаш, да готвиш, да ги испраќаш децата на училиште, а сопругот да го очекуваш со насмевка, затоа што те сака, го сакаш, затоа што ти така си избрала.

Не е феминизам кога ќе речеш „не сум ти мајка да ти готвам и да те перам“.

А особено не е феминизам кога го плукате целиот машки род и велите дека сите мажи се исти. Затоа што – тогаш звучите токму како нив – како оние мажи што се полни со шовинизам, Едипови и комплекси на повисока вредност, поради што, крајно, и мораше да се создаде феминизмот.

И затоа, драги мои самопризнаени феминистки, кои се борите за правата на сите нас – жените на начини кои се наброени погоре, во мое име, ве молам – немојте.

Затоа што, на крајот, кучето изгледа навистина лае само за себе.

А не за селото.


Колумна: Мала Лончарка
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура