За што служат манирите? За почеток, да развијат свест за другите луѓе и нивните потреби.
Невоспитаноста и немарноста за околината го загорчуваат животот и ги комплицираат секојдневните ситуации и прават во туѓите очи да бидете карактеризирани како личност за избегнување.
Затоа потребно е да се потрудите на вашето дете да му всадите добри навики уште во раното детство, бидејќи подоцна може да биде многу тешко да се исправат веќе стекнатите лоши манири. Бидете упорни и не дозволувајте во следните ситуации детето да се однесува исто како манирите никогаш да не биле тема во вашето семејство:
Не се туркај.
На врата секогаш има предност оној кој излегува. Па, кога се влегува во автобус, продавница, училница – секогаш треба прво да се пуштат оние кои излегуваат.
Не барај, туку замоли.
Кога децата сакаат нешто, треба да се обратат со „те молам“, или „можеш ли“. Ова е лекција која децата треба да ја научат додека се мали. Едноставно ништо не им додавајте доколку претходно љубезно не побараат.
Не ја коментирај храната ако не си прашан.
„Бљак“, „Јас ова не сакам“ и слични коментари за храната не треба да се кажуваат, бидејќи освен што некој се потрудил да подготви храна, детето на тој начин покажува дека на своето мислење му дава преголемо значење. Од пристојност треба да се проба јадењето, па ако навистина не му се допаѓа, да се извини и да објасни дека не може да го дојаде.
Не јади на затворени јавни места кои не се ресторан.
Во автобус, театар или кино не е добредојдено носењето храна и грицкањето. Луѓето дошле за друга намена. Има места на кои се консумира храна.
Кога телефонираш, задолжително упати поздрав и претстави се.
Никогаш детето не смее да заборави да упати поздрав и да го каже своето име, а потоа да го бара оној кој му треба. На крајот од разговорот исто така треба да се каже „До видување“ или „Пријатно“.
Не ги прекинувај другите во разговор.
Детето не смее да упаѓа во туѓ разговор затоа што баш во тој момент се сетило на нешто што смета дека е важно, туку мора да ја почека соодветната прилика кога соговорниците ќе престанат со разговорот. Ако пак, е навистина итно, тогаш детето треба да рече „извинете“.
Не кукај и не барај сожалување.
Ако детето го боли глава, се здобило со удар или слично, не е пожелно да драматизира, да вика и да настојува да биде во центарот на вниманието постојано. Непотребно само ќе го расипе расположението на сите околу себе, а и таквото однесување е непристојно.