X
 09.05.2020 Живот

Љубица Шаролиќ од Белград преживеала две средби со Менгеле

Јули 1985: Љубица Ш. од Белград, логорски број 75744, преживеала две средби со Јозеф Менгеле, монструмот од „Аушвиц“.

Таа е една од ретките од контингентот „жив човечки материјал“ што преживеала нечовечки експерименти.

„Моето име не е важно, ние и денес се распознаваме по броеви. Јас сум 75744, тоа три години ми беше и име и презиме. Никогаш не ми падна на памет да го тргнам овој истетовиран број: имаше премногу погледи кои немо ме молеа никогаш да не ги заборавам тие страшни нешта. Дури и не познавам некој што го тргнал тој белег.

Се плашам денес да не сум преувеличила нешто, да не сум ги измешала сонот и јавето... но кога ќе се сретнам со некој што ги преживеал тие страшни нешта, сфаќам дека многу работи сум ги заборавила, сум ги потиснала длабоко во себе, никогаш да не дојдат до свеста.

Овој број може да залаже некого: „Аушвиц“ е најголемата гробница на човештвото на сите времиња. Ние, преживеаните, сме само капка во морето. Бројките се повторуваа, повторно беа втискувани броевите на починатите, тие беа со различна боја, не сметајќи ги оние со „давидова ѕвезда“, кои беа најмногубројни...

Ме уапсија во Љубљана на почетокот од 1943 година, како заложник. Одев во прва година гимназија кога почна војната, или петто одделение според новиот систем - тогаш имав 12 години.

До „Аушвиц“ патувавме три недели. Ние, Југословенките, бевме пет, можеби шест. Сѐ друго беше „еврејски транспорт“, во вагони кои беа приклучувани по пат, можеби во Виена?... Се сеќавам, сите патници од нашиот воз, освен ние неколкумина, беа одведени право во крематориум.


Селекцијата беше вршена на рампата „Биркенау“. Забележав човек кој со корбач се удираше по чизмата, пееше некоја арија од „Тоска“. Дури подоцна дознав дека тоа е Менгеле. Имаше темни очи и темна коса... едната нога му беше малку крива, сигурна сум дека и денес би го препознала.

Внимателно нѐ прегледа, загледувајќи ги сите во очите и издвојуваше, издвојуваше... Ние не знаевме зошто. Помисли дека сум Еврејка, можеби поради мојата изразено црна коса. Имам сини очи и изгледа тоа особено го заинтересира. Ме праша од каде сум, а кога му одговорив, малку разочарано ми рече:

- А, бев во Југославија пред војната. Се качував на вашата Ловќен...

Изгледаше љубезно... барем многу пољубезно од останатите на кои злото им ја имаше пробиено кожата и се препознаваше по некаква грдотија. Всушност, беше циник, тоа го утврдив подоцна, кога дознав и делумно видов што прави.

Не бев Еврејка и тој изгуби интерес за мене. Но, и понатаму бев интересна за другите лекари. Бев предадена на некој доктор Лукас, како што подоцна дознав, како материјал за експерименти. Менгеле се занимаваше само со близнаци и очи... веројатно генетика. Беше опседнат со очите. Неколку пати влегов во неговата канцеларија и видов безброј садови со човечки очи кои ме гледаа, онака, извадени, како живи... понекогаш ги сонувам тие очи.

На мене вршеа четири вида експерименти. Ме заразија со маларија, дизентерија и два вида тифус. Се сеќавам, на гол стомак ми ставија некакво сито во кое имаше рој комарци кои бесно ме касаа... потоа мислев дека ќе си ја растргнам кожата од стомакот....

Самите Германци го нарекуваа „Аушвиц“ - „фабрика на смртта“. Тоа и беше логорот. Капацитетот на крематориумот беше 30.000 лица дневно, но тоа не беше доволно. Една ноќ, летото 1944 година, запалија цел цигански логор. Гореше цела ноќ и вресоците се слушаа до небото... Повеќе од 30 илјади лица - жени и деца... Нив не ги разделуваа, таму имаше цели фамилии.

Луѓето ги палеа поливајќи ги со бензин. Подоцна, кога бензинот им беше потребен за други цели, редеа ред лешови, ред цепаници, а логорашите долу фаќаа лој и го поливаа одозгора за полесно да гори.

Но, експериментите врз луѓето беа најлоши. Во мојата барака, во аголот, имаше некое несреќно суштество со изобличена глава со огромни димензии, толку отечена што очите, носот и устата воопшто не се гледаа. Постојано офкаше. Главата беше толку голема, што не можеше да лежи, туку седеше во аголот потпрено на некои летви... Секој ден го водеа некаде...

Или жената што лежеше под мене. Нејзе ѝ извадија коска од потколеното. Ткивото се распаѓаше, се претвораше во маса како пивтија... Умираше во страшни маки.

Жените и мажите ги стерилизираа со рендгенски зраци. Ние тоа го нарекувавме „црвено светло“. Во логорот се говореше некаков посебен, интернационален јазик, универзален жаргон и сите го прифаќавме и го дополнувавме.

А Менгеле пееше арии од „Тоска“ и вршеше селекција удирајќи се со корбач по чизмата. Монструм! Гледав како распари еден мал Полјак, жив, и му ги извади белите дробови...

Имаше извонредно памтење. Пред транспортот (никогаш не знаевме дали одиме во друг логор или во крематориум), кога го видов последен пат, ми пријде и ме праша:

- Ти уште не си умрела?

Пред 18 години фатија некои лекари од „Аушвиц“ и им се судеше во Франкфурт. Се пријавив за сведок, но Германците изгледа не беа заинтересирани, не ми ни одговорија. Мислам дека и докторот Лукас беше меѓу нив.

И сега слушам дека Јосеф Менгеле е мртов. Дека умрел и е погребан некаде во Бразил. Јас во тоа не верувам. Знам дека е жив, го чувствувам тоа, а тоа чувство не може да ме измами.“

Извор и насловна фотографија: Yugopapir
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот