Во Белград, Србија, пред неколку дена осамна интересен билборд кој мајката Дијана му го посвети на синот Марко.
- Му се извинувам на синот Марко што не верував дека ќе заврши факултет. Ти честитам, сине, небото е граница! Мама Дијана - стои на билбордот кој брзо стана хит на социјалните мрежи.
Дијана за хрватските медиуми објаснила како дошло до тоа да му се извини на синот преку билборд.
-Марко студираше 12 години бидејќи паузираше, не му се брзаше да го заврши факултетот, а јас силно инсистирав на тоа. Му ветив дека јавно ќе му се извинам кога ќе ја видам дипломата. Како најдобра опција ми се чинеше јавното извинување на билборд - изјавила мајката.
Марко не знаел ништо за сето тоа.
Дијана признала дека не било едноставно доаѓањето до билборд во Белград, па се обратила до маркетинг-агенција во Загреб.
-На сите можни начини се обидував да дојдам до билборд во Белград со оглед на тоа дека јас живеам во Загреб. Тука многу ми помогна една агенција која ми овозможи да дојдам до билборд бидејќи е невозможно да го закупите како приватно лице и со приватни пораки. Тие ја препознаа оваа идеја и ми дадоа можност - изјавила таа.
Дијана раскажала дека Марко дипломирал во мај, но не можела толку брзо да дојде до билборд колку што тој ја изненадил.
-Ми испрати фотографија и напиша дека дипломирал. Но, тогаш немаше достапен билборд, па тој беше поставен дури на 12 јуни. По толку години студирање не сакав да му праќам цвеќе и балони, ова ми изгледаше подобро - изјавила мајката.
Марко потоа случајно го видел билбордот бидејќи бил поставен во близина на неговото работно место.
-Беше многу изненаден и воодушевен. Еден ден подоцна настана помпа. Не го очекував тоа. Се разбудив и бев изненадена од досегот на сето ова. На сопругот му реков дека недостига уште да завршиме на телевизија. Така и беше - изјавила Дијана.
Таа нагласила дека дипломата технички нема ништо да промени во животот на Марко, но дека е важно кога ќе се започне нешто и да се заврши.
Извор:
Index