X
 09.05.2022 Наша тема

Давор Давидович од Скопје - успешен софтверски инженер во Холандија

Кога студираш во странство, поретко се зборува за предностите, како учење разни домашни вештини - готвење, чистење, перење, менаџирање со финансии, справување со периоди на осаменост, кои инаку не би ги научил на таа возраст, вели тој

Давор Давидович од Скопје моментално живее во Амстердам, Холандија, и работи како софтверски инженер во Adyen, компанија за дигитални плаќања, а претходно работел на слична позиција во компанија во вселенскиот сектор, која е во блиска соработка со Европската вселенска агенција. Бил примен на Универзитетот во Мастрихт со целосна стипендија, па по завршување на студиите одлучил да остане и да живее таму. Еден семестар бил на размена во Хонгконг, Кина, каде што се стекнал со големо знаење и искуство. Со Давор зборувавме за студентскиот живот во странство, односно за причините што би го натерале секој студент да студира или да живее во Холандија.

Која земја ти остави најдобар впечаток за студентски живот?

- Мојот студентски живот го минав во две земји - Холандија и Кина, така што зборувам од релативно скромно искуство. Во двете земји имам многу незаборавни моменти, но би рекол дека студентскиот живот во Холандија е на друго ниво. Дел од причините за тоа се диверзитетот на студентите, фактот што сите го зборуваат и разбираат англискиот јазик и тоа што самиот факултет навистина прави да се чувствуваш како студент нудејќи огромен број различни организации, настани и можности.

Со какво искуство се стекна во Хонгконг и дали беше задоволен од студирањето?

- Хонгконг ми беше првото патување надвор од Европа и прв навистина голем град што го посетив. Иако живеев и студирав таму само еден семестар, сметам дека максимално го искористив тој период. Од академски аспект, Кинескиот универзитет во Хонгконг (CUHK) беше доста покомпетативен од Универзитетот во Мастрихт. Голем број од професорите на универзитетот се светски познати научници и дел од нив се добитници на Нобелова награда, така што ми беше голема чест да посетувам настава кај нив и навистина се стекнав со големо знаење. Од аспект на социјалниот живот, односно дружењето, запознав луѓе од целиот свет со кои бев на заеднички патувања во Тајланд, Виетнам, Јапонија и Камбоџа. На тие патувања посетивме многу различни историски знаменитости и пробавме јадења од најразлични азиски кујни.



Зошто баш Холандија те привлече за студирање и живеење?

- Летото пред да започнам со студирање го посетив братучед ми кој тогаш го спремаше докторатот во Холандија. Престојував кај него речиси цел месец и успеав накратко да го доживеам холандскиот начин на живот. Најмногу ме привлекоа смиреноста на луѓето и нивниот начин на живот. Било во продавница, сообраќај или ресторан, луѓето се секогаш смирени. Тоа е држава во која не ти треба автомобил за да се движиш наоколу, луѓето се прилично скромни, улиците се секогаш средени и владее чувство на заедница. Лесно можеш да се снајдеш и да живееш и без да го зборуваш нивниот јазик, што навистина е реткост што која било друга држава може да ја понуди. Кога станува збор за студиите, Холандија беше една од малкуте земји во Европа што нудеа генерален студиски сплет каде што можеш да слушаш предмети од различни области истовремено, а тоа беше она што го барав и ми одговараше.

Како успеа да ја добиеш целосната стипендија на Универзитетот во Мастрихт?

- Мислам дека навистина значаен фактор во мојот случај беше тоа што ја посетував меѓународната паралелка во гимназијата во која учев – „Јосип Броз Тито“. Начинот на учењето во трета и четврта година комплетно ми се смени. Под начин на учење го подразбирам фактот дека како дел од програмата беа предвидени теми од глобално значење, на пример, географија, што дотогаш и не го сметав за интересен предмет бидејќи учевме за теми од што е тоа бруто-домашен производ, па сѐ до глобалното затоплување. Згора на тоа, часовите беа исполнети со дискусии, а не само со слепо пишување диктат во тетратка, што ме натера да размислувам покритички. Мислам дека оттука произлезе идејата за студирање во странство. Целосна стипендија за додипломски студии нудеа неколку факултети во Холандија, меѓу кои и факултетот во Мастрихт, која се нудеше на само 5 студенти што доаѓаат надвор од Европска Унија. Јас аплицирав на 4 универзитети, а критериумот во принцип беше поделен врз основа на заслуга и врз основа на потреба. Кога се работи за првиот критериум, имав вложено огромен труд за да добијам високи оценки, но и да бидам активен во многу вонучилишни активности, како дебати, глума и различни хуманитарни акции. Голем удел имаа и препораките напишани од моите професори и ментори во „Јосип Броз Тито“. Првите одговори што ги добив од преостанатите универзитети беа разочарувачки, но на крај добив одговор од Мастрихт, на 1 април, дека сум примен со целосна стипендија. Ми требаа неколку часа за да сфатам дека не е шега.



Кои се предностите на студирањето во странство?

- Листата со предности е толку голема, што ќе ми биде потребно многу време да ги споменам сите. Неколку од поочигледните предности се запознавањето, ширењето познанства со пријатели од целиот свет, безброј патувања, конечно живеење во свој сопствен дом и врвна едукација. Но мислам дека поретко се зборува за предностите како учење разни домашни вештини, како што се готвење, чистење, перење, менаџирање со финансии, справување со периоди на осаменост, како и вештини за стекнување нови пријателства, кои инаку не би ги научил на таа возраст. Мислам дека многу од работите што на прв поглед изгледаат како тешкотии, на долги патеки се всушност огромни предности и можеби работи кои можат да се научат само преку студирање надвор од дома, односно во странство.


Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема