X
 09.06.2023 Живот

Економски реформи во Црна Гора: Минимална плата 450, пензијата 250 евра, даночни ослободувања и укинати придонеси

Кога црногорската Влада го усвои планот за економски реформи познат како „Европа сега“, во ноември 2021 година, Ива, 80-годишна жена од Подгорица, го доживеа најголемото зголемување на пензиите.

Планот некако ѝ помогнал да живее подобро, но поради инфлацијата, сепак не било доволно да се живее без ограничувања, објаснува пензионерката за Би-би-си.

Црногорската Влада ја предложи Реформската програма за поинклузивен и одржлив економски развој на предлог на Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ, тогашни министри во експертската Влада на Здравко Кривокапиќ, а денес претседател на Црна Гора и лидер на движењето „Европа сега“.

Минималната плата е зголемена на 450 евра, минималната пензија на 250 евра, прогресивно оданочување и даночни ослободувања се воведени за оние со бруто-приходи помали од 700 евра, а укинати се придонесите за претприемачите и работниците за здравствено осигурување, кои сега ќе се финансираат од буџетот.

Јакуб Кратки, чешки економист и аналитичар во „Делта Џенерали“, вели дека намалувањето на данокот на доход можеби не е најпаметната одлука во време кога земјата се соочува со фискални предизвици.

- Но, одржливоста навистина зависи од уделот на работниците кои ќе добиваат минимални плати во иднина бидејќи новиот даночен систем е прогресивен - додава тој.

Сепак, Кратки нагласува дека „слонот во собата“ и најголемиот проблем на Црна Гора не се даноците, туку големиот надворешен долг, скапите инвестиции, како што е автопатот што води од „ништо до ништо“ и проблематичните договори со странски компании како што се кинеските.

- Тие инвестиции и во иднина ќе цицаат средства од буџетот, а нема да можат да го донесат посакуваниот профит - објаснува тој.

Повеќе пари во џебот, помалку во државната каса - дали е одржливо?


Според планот, во буџетот треба да се слеваат дополнителни приходи од оданочување на непријавен имот, зголемување на акцизите за тутун, алкохолни пијалаци и нафтени деривати, како и од собирање даноци за највисоките приходи во државата.

Растот на јавниот долг на Црна Гора и падот на вредноста на обврзниците на таа земја во текот на 2022 и 2023 година ги загрижија експертите, но и сегашните и поранешните функционери, кои меѓусебно повикуваа на одговорност за ваквата состојба на јавните финансии.

1
Фото: Freepik

Јакуб Кратки наведува дека во периоди на фискална нестабилност, намалувањето на даноците може да биде проблематично, но може да донесе подобрување на населението.

Тој го следи примерот на Романија, која исто така спроведе даночна реформа за вработените во јануари оваа година, намалувајќи ги даноците за малите претприемачи и одредени групи работници.

- Засега функционира релативно добро, иако може да ја оштети конкурентноста на економијата, доколку цената на трудот продолжи да расте во комбинација со инвестициите во инфраструктурата, што ги гледаме во Црна Гора - објаснува чешкиот експерт.

- Од друга страна, во Црна Гора сè уште имаме релативно висока стапка на невработеност, иако таа за чудо се намали од 20 отсто пред ковид-пандемијата на 15 отсто во март - додава тој.

Според податоците на Заводот за вработување на Црна Гора, стапката на невработеност на крајот на мај изнесувала 17,8 отсто.

Честите промени на стапката на невработеност во Црна Гора делумно се резултат на многу високата нестабилност на пазарот на труд поради сезонската природа на туристичкиот сектор, објаснува Кратки.

Зголемување на платите што минимално ги чини работодавците


Една од главните цели на програмата усвоена во 2021 година беше подобрување на деловното и инвестициското опкружување.

40-годишниот претприемач Влада Драгиќевиќ смета дека во тоа успеала поранешната Влада на Црна Гора.

- Намалувањето на даноците не донесе заштеда или намалување на трошоците за нашата компанија, но ни овозможи побрзо и полесно да направиме чекор кој дефинитивно не чекаше, а тоа е зголемување на заработката. Ова многу ни помогна, постигнавме значително зголемување на нето-заработката, а компанијата ја чинеше минимално во бруто-износ - објаснува Драгиќевиќ.

Воведувањето на прогресивното оданочување донесе намалување на данокот на доход од 39 на 20 отсто за оние со најниски примања.

Чешкиот економист Јакуб Кратки истакнува дека е можно даночните реформи да помогнат во растот на приватниот сектор, особено поради укинувањето на даноците за социјалната и здравствената заштита, кои претходно ги плаќаа работодавците и вработените.

1
Фото: Freepik

Како ќе ги преживее промените
здравствениот систем?

Во Црна Гора до 2021 година важеше Бизмарк-системот за финансирање на здравствениот систем, кој се применува и во некои други европски земји, како Германија, Австрија, Франција или Србија.

Средствата за здравството во овој модел се добиваат преку придонеси што ги издвојуваат работодавците и вработените, а тие се дел од вкупниот данок на доход.

Планот „Европа сега“, кој се спроведуваше во Црна Гора, премина на Бевериџовиот модел кој е во сила во Велика Британија и Шпанија.

Овој начин на финансирање значи дека Владата истовремено плаќа и обезбедува здравствени услуги со повлекување средства директно од буџетот.

На овој начин таксите за здравствено осигурување во Црна Гора беа доведени на нула, што е важна ставка за вработените и работодавците, без разлика на приходот, вели претприемачот Владан Драгичевиќ.

Додека како претприемач оваа промена на оданочувањето е добра за него, како граѓанин е апсолутно загрижен дека тоа може да доведе до некакви проблеми во здравствениот систем, вели Владан.

Економистот Јакуб Кратки посочува дека сѐ уште не може да се заклучи каква иднина го чека здравствениот систем на Црна Гора.

- Можно е ова да е добар чекор напред, но ќе треба време граѓаните да почувствуваат некакви придобивки. Ќе зависи и од начинот на кој ќе се спроведат промените во здравството - вели тој.

Трка на ветувања: Може ли да се постигнат дополнителните реформи?

Движењето „Европа сега“ најавува дополнително зголемување на платите, доколку тие ја имаат улогата на одлучувач во новата Влада.

Доколку се остварат предизборните ветувања од нивниот список, минималните пензии ќе се зголемат на 450 евра, минималните плати на 700 евра, просечната плата ќе биде 1.000 евра, а вработените во Црна Гора ќе имаат седумчасовно работно време.

Пензионерката Ива би сакала да се исполнат овие ветувања, но е скептична. Како што вели, навикната е политичарите да не го спроведуваат тоа што го ветија, па затоа секогаш има резервиран став.

- По сите овие години и искуство, навикнавте да не им верувате на политичарите - заклучува таа.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот