Девет европски држави побараа од Европската комисија да ги продолжи привремените итни олеснувања за новиот Систем за влез и излез (Entry/Exit System – ЕЕС), предупредувајќи дека Европската Унија сè уште не е подготвена за целосно укинување на постојните заштитни мерки.
Како што наведува „Политико“, во заедничкото писмо од 7 јули, до кое овој медиум имал увид, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија се обратиле до европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер, истакнувајќи дека првите месеци од примената на системот покажале „значителни тешкотии“ кои не смеат да се потценат.
Министрите повторија дека го поддржуваат новиот систем за регистрација на влезови и излези од шенген-зоната, но бараат Европската комисија да им овозможи на државите членки и по 6 септември 2026 година да продолжат да го користат вградениот механизам за итни ситуации, кој според важечките правила тогаш би требало да истече.
Станува збор за механизам кој на граничните служби, во исклучителни околности, им овозможува привремено да го прекинат прибирањето отпечатоци од прсти и скенирањето на лицата на патниците со цел да се намалат метежите на граничните премини, со истовремено евидентирање на сите лица што влегуваат или излегуваат од шенген-зоната.
Во писмото министрите бараат од Европската комисија и писмени гаранции дека ова прашање ќе биде решено пред истекот на сегашните олеснувања.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека Комисијата ја поздравува „посветеноста“ на овие држави за целосна примена на ЕЕС и систематска регистрација на сите патници што не се државјани на Европската Унија.
Тој нагласи дека законот веќе содржи одредени флексибилности, вклучувајќи ја и можноста за привремено запирање на прибирањето биометриски податоци за време на летната сезона, и додаде дека Комисијата останува во „близок и конструктивен контакт“ со мал број држави членки кои имаат тешкотии на одделни гранични премини.
-Постои силна заедничка волја системот да функционира секаде – порача Ламерт.
„Политико“ наведува дека писмото доаѓа во момент кога аеродромите, авиокомпаниите и операторите на фериботи предупредуваат дека новиот систем веќе предизвикува долги редици и оперативни проблеми во текот на летната туристичка сезона. Претставниците на индустријата сметаат дека техничките и оперативните проблеми најверојатно нема да бидат решени до почетокот на септември.
Засега, додава „Политико“, Европската комисија нема дадено никакви индиции дека планира да ги продолжи постојните олеснувања по 6 септември, ниту пошироко да ја суспендира примената на ограничувањата.
Извор: бука
Фото: приватна архива