X
 08.01.2025 Наука

Сателитски снимки покажуваат како стопените глечери ги менуваат националните граници во ЕУ

Во Европа и низ светот глечерите што се топат ги трансформираат и пејзажите и националните граници.

Кога помислуваме на глечерите, на ум често ни доаѓаат огромни ледени плочи во поларните региони како оние на Антарктикот и Гренланд. Сепак, постојат многу повеќе глечери во светот и тие се многу поразновидни. На глобално ниво има повеќе од 200.000 глечери кои не спаѓаат во категоријата ледени плочи (континентални глечери поголеми од 50.000 km²) кои често се концентрирани во планинските региони. Ваквите глечери се вообичаени и во Европа, особено во Исланд, Скандинавскиот Полуостров, Свалбард, Пиринеите и Европските Алпи.

Глечерите се масивни ледени тела кои се движат под силата на гравитацијата. Тие се формираат онаму каде што акумулацијата на снегот ја надминува неговата аблација. Со текот на времето снегот се трансформира во цврст глечерски мраз.

Додека глечерите на Алпите се повлекуваат уште од крајот на ледената доба, темпото на нивното топење се забрза во изминативе децении поради глобалното затоплување. Според долгорочното набљудување од „Глечер мониторинг“ во Швајцарија, површината на глечерите на швајцарските Алпи се намалила од 1.311 км² во 1973 година на 961 км² во 2016 година.

Ова претставува загуба од речиси 350 km² глацијална површина за помалку од половина век.

2
Фото: Vilnius University

Мисијата „Ландсат“ на НАСА, која ја следи Земјата од 1972 година, обезбеди непроценливи податоци за загубата на глечерите. Сателитските снимки ги прикажуваат глечерот Рона и изворот на реката Рона во Швајцарија. Сликата, која се состои од блиски инфрацрвени, црвени и зелени ленти, ги истакнува глечерите со сино-бели тонови, додека околната вегетација изгледа црвена. Споредбата на сликите направени во август 2001 и август 2024 година открива впечатливо намалување на површината покриена со глечерот.

Импликациите од топењето на глечерите ги надминуваат еколошките грижи, а овој феномен има и геополитички последици. Значајни делови од границите меѓу Италија, Швајцарија и Австрија се дефинирани со линии што се протегаат по највисоките планински сртови.

Како што се топат глечерите или се рушат планинските врвови, може да се поместат воспоставените природни граници меѓу земјите. Во 2006 година Италија и Австрија потпишаа договор со кој се дозволува нивната заедничка граница да се прецрта како одговор на поместувањето на планинските сртови.

Слично на тоа, и границата меѓу Италија и Швајцарија стана предмет на приспособување: на пример, во 2024 година топењето на глечерот Матерхорн ја префрли највисоката точка на планината кон Италија, со што малку ја прошири територијата на Швајцарија.

Меѓутоа, промената на националните граници не е единствениот проблем. Алпите се клучни за напојување на големите речни мрежи како што се Рона и Рајна, кои минуваат низ неколку земји. Во Швајцарија, многу села лоцирани во близина на глечерите се потпираат на туризмот, кој е директно поврзан со овој природен феномен.

Додека локалните напори, како што е употребата на рефлектирачки геотекстили за забавување на топењето на глечерите, можат да обезбедат привремено олеснување, долгорочните решенија бараат координирана глобална акција за борба против климатските промени и ублажување на нивното влијание врз овој ранлив регион.

Извор: Phys.org
Фото: Vilnius University
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука