X
 09.10.2021 Наука

Ковид-имунитет преку инфекција или вакцинација: Дали се еднакви?

Се зголемува бројот на докази дека прележувањето на ковид-19 е еднакво ефикасно како и вакцинацијата за стимулирање на имунолошкиот систем.

Д-р Арон Керијати, професор по психијатрија на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, смета дека не треба да се вакцинира против ковид-19 затоа што ја прележал болеста во јули 2020 година.

Затоа во август тужел за да го прекине мандатот за задолжителна вакцинација на универзитетот, велејќи дека природниот имунитет му дал нему и на многу други луѓе подобра заштита отколку која било вакцина.

Судијата минатата недела го отфрли барањето на Керијати за прекинување на мандатот. Керијати има намера да продолжи со случајот понатаму.

Сѐ поголеми се доказите дека прележувањето на САРС-КоВ-2, вирусот што го предизвикува ковид-19, е генерално еднакво ефикасно како и вакцинацијата за стимулирање на вашиот имунолошки систем. Сепак, федералните службеници не сакаат да препознаат каква било еквивалентност наведувајќи ја големата варијација во имунолошките одговори на ковид-пациентите.

Со децении лекарите користеа тестови на крвта за да утврдат дали луѓето се заштитени од заразни болести. Бремените жени се тестирале за антитела за рубеола за да се осигурат дека нивните фетуси нема да бидат заразени со вирусот на рубеола. Болничките работници подлежат на скрининзи за антитела за мали сипаници и варичела за да се спречи ширење на овие болести.

Сѐ уште немаме целосно разбирање за тоа што ни кажува присуството на антитела за имунитетот.

Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) одобри употреба на ковид-тестови за антитела, за откривање претходни инфекции. Некои тестови можат да разликуваат дали антителата потекнуваат од инфекции или од вакцини. Но, ниту ФДА ниту центрите за контрола и превенција на болести не препорачуваат да се користат тестови за да се процени дали всушност сте имуни на ковид-19. Затоа тестовите се во суштина бескорисни, бидејќи нема договор за количината или видовите антитела што би сигнализирале заштита од болеста.

- Сѐ уште немаме целосно разбирање за тоа што ни кажува присуството на антитела за имунитетот - вели Кели Вроблевски, директор за заразни болести во Здружението на лаборатории за јавно здравје.

Споредба: природен имунитет со прележување на болеста и вакцинација


Во отсуство на сигурност и бидејќи вакцинацијата почнува да станува задолжителна во многу земји, тужителите бараат да се притисне ова прашање. Луѓето што мислат дека задолжителната вакцинација ги прекршува нивните граѓански слободи, тврдат дека имунитетот добиен од инфекција ги штити. Во Лос Анџелес шест полицајци го тужеа градот, тврдејќи дека имаат природен имунитет. Во август, професорот по право Тод Зивицки тврдеше дека задолжителната вакцинација на Универзитетот „Џорџ Мејсон“ ги прекршува неговите уставни права, со оглед на тоа што има природен имунитет. Тој наведе голем број тестови за антитела и медицинско мислење од имунолог дека е „медицински непотребно“ да се вакцинира. Зивицки ја отфрли тужбата откако универзитетот му додели медицинско ослободување, за кое тврди дека не е поврзано со тужбата.

- Истражувањето за природниот имунитет сега е дефинитивно. Природниот имунитет е подобар од имунитетот што го даваат вакцините - вели Керијати. Но, ваквите категорични изјави очигледно не ги споделуваат повеќето во научната заедница.

ковид
Фото: Freepik

Д-р Артур Реинголд, епидемиолог на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, и Шејн Кроти, виролог од угледниот институт за имунологија „Ла Џола“ во Сан Диего, дадоа исказ од стручни сведоци во тужбата на Керијати, велејќи дека степенот на имунитет од повторна инфекција, особено против поновите ковид-варијанти, не е познат. Тие забележаа дека вакцинацијата им дава огромен имунитет на луѓето што претходно биле болни.

Но, не сите што притискаат да биде признаена инфекцијата претходно се критичари на вакцинацијата или дел од антиваксерското движење.

Д-р Џефри Калуснер, клинички професор по науки за население и јавно здравје на Универзитетот во Јужна Калифорнија, е коавтор на анализа објавена минатата недела која покажа дека инфекцијата генерално заштитува 10 месеци или повеќе.

- Од гледна точка на јавното здравство, забраната за одење на работа и пристап до јавен превоз за луѓе што прележале ковид-19 нема никаква смисла - рече тој.

Во своето сведочење против случајот на Керијати за природниот имунитет, Кроти ги наведе студиите за ковид-епидемијата што го зафати Манаус, Бразил, на почетокот од оваа година, каде што преовладувал гама-сојот на вирусот. Една од студиите, врз основа на тестови спроведени на донации на крв, процени дека три четвртини од населението во градот веќе биле заразени пред да пристигне гамата. Тоа посочило дека претходната инфекција можеби нема да заштити од нови варијанти. Но, Клауснер и другите се сомневаат дека стапката на претходните инфекции презентирани во студијата била грубо преценета.

Голема студија во август од Израел, која покажа подобра заштита од инфекција отколку од вакцинација, може да помогне да се  прифати претходна инфекција како доказ за заштита.

Во тек се напори за да се утврди кое ниво на антитела е заштитно, вели д-р Роберт Седер, шеф на одделот за клеточна имунологија во Националниот институт за алергија и инфективни болести.

Д-р Џорџ Сибер, консултант за индустрија за вакцини и коавтор на еден од документите, рече дека тестовите за антитела никогаш нема да дадат одговор да или не за заштита од ковид-19.

Извор: Nbcnews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука