X
 02.01.2023 Наука

Звукот на птиците позитивно влијае врз менталното здравје на човекот

Резултатите од истражување спроведено од Кралскиот колеџ во Лондон покажуваат дека гледањето или слушањето птици го подобрува менталното здравје и дека секојдневните средби со птиците го зголемуваат расположението на луѓето со депресија, како и на пошироката популација.

Според истражувачите, резултатите покажуваат дека посетите на места со многу птици, како што се парковите, може да бидат препишани од лекарите за лекување ментални болести. Тие, исто така, нагласија дека резултатите ја нагласуваат потребата од подобра заштита на животната средина и подобрен биодиверзитет во урбаните, приградските и руралните области со цел да се зачуваат живеалиштата на птиците.

Истражувањето, објавено во списанието „Сајентифик рипортс“, следело дневни средби на 1.292 учесници со птици во текот на изминатата година преку апликација за паметни телефони наречена „Урбан мајнд“.

Во текот на две недели, учесниците од Велика Британија, Европа, САД, Кина и Австралија, во случајни интервали забележувале во дневници како се чувствуваат, вклучително и дали се среќни или под стрес, дали можат да видат дрвја и дали можат да ги видат или слушнат птиците.

Истражувачите откриле дека резултатите за менталното здравје на учесниците, во просек, биле подобри кога гледале или слушале птици, вклучително и учесници на кои им била дијагностицирана депресија.

Oвој корисен ефект траел и по средбата со птиците, со повисоки нивоа на ментална благосостојба забележана од учесниците кои не ги виделе или слушале птиците следниот пат кога го забележувале нивното расположение.

Сепак, ефектот немало да опстои доколку учесниците не се сретнеле со птиците за време на последователна процена на нивното расположение, за што истражувачите велат дека укажува на „можна причинско-последична врска помеѓу ефектите на птиците врз менталното здравје“.

- Треба да создаваме и да поддржуваме средини, особено урбани средини, каде што животот на птиците е постојана карактеристика. За да имате здрава популација на птици, потребни ви се растенија, потребни ви се дрвја. Треба да го негуваме целиот екосистем во нашите градови - вели Андреа Мечели, професор по рана интервенција во менталното здравје на Кралскиот колеџ.

Тој додаде дека позитивниот ефект од средбата со птиците врз луѓето со депресија е значаен бидејќи многу интервенции што им помагаат на таканаречените „здрави луѓе не се ефективни за луѓето со проблеми со менталното здравје.

- Знаеме дека вежбањето прави сите да се чувствуваат подобро. Но, мотивирањето на некој со депресија да вежба е неверојатен предизвик. Додека контактот со животот на птиците е нешто што е изводливо - вели Мечели.

Извор: Ba.n1info.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука