Минатата недела неколку научници објавија дека откриле голема празнина во внатрешноста на Кеопсовата пирамида во Гиза. Сега научниците нудат виртуелна прошетка која на посетителите им овозможува да се „телепортираат“ и да ја истражуваат внатрешноста на оваа градба.
Користејќи 3Д-технологија, „Скен пирамидс проџект“ им овозможува на посетителите да стават виртуелни очила и од својот дом да ја посетат внатрешноста на пирамидата - Големата галерија, одајата на кралот, како и други простории.
„Благодарение на оваа техника, можеме да се телепортираме во Египет во самата пирамида и тоа со водич“, вели Мехди Тајоуби, еден од лидерите на проектот „Скен пирамидс“.
Јапонските и француските експерти објавија за откривањето на празнината, за која сè уште не знаат за што служела. Тие две години го истражувале овој комплекс. Притоа користеле технологија позната како мионска томографија со која се откриваат промените во густината на внатрешноста на големите камени структури.
Самата празнина не е видлива во текот на виртуелната тура и се појавува како мал облак.
„Она што е ново во виртуелната реалност е тоа што повеќе не сте изолирани, туку сте во група, и можете да влезете како семејство и да стигнете до места каде што обично не би можеле да влезете доколку навистина би ја посетиле пирамидата“, вели Мехди.
Иако делумно е дизајнирано како забавно искуство, турата во пирамидата им овозможува на научниците да ја подобрат технологијата што ја користат за да ја истражуваат празнината во пирамидата.
Кеопсовата пирамида, која се смета за едно од седумте светски чуда, била изградена за време на владеењето на фараонот Кеопс помеѓу 2509 и 2483 г. пр.н.е. Со 146 метри височина, таа е најголемата египетска пирамида во Гиза. До изградбата на Ајфеловата кула во Париз во 1889 година, Кеопсовата пирамида се сметала за највисоката градба создадена од човекот.
Иако постојат влез во пирамидата и комори во разни делови, голем дел од внатрешната структура бил неистражен, сè додека институтот „ХИП“ од Франција не навлегол во неа со помош на мионската тонографија.
Гледајќи низ 3Д-очила, посетителите можат да ги видат огромните камени пирамиди исто како да се вистински и да се прошетат низ виртуелните ходници, комори и скриени простории.
Исто така, турата вклучува и звуци од Каиро и неговиот бучен сообраќај кој исчезнува како што посетителите се приближуваат кон пирамидите.
ТУКА можете виртуелно да ја посетите пирамидата.