Длабоко во шумите на Балморал, во шкотскиот кралски имот што го обожавала британската кралица Викторија, се кријат 11 камени споменици и една голема гранитна пирамида. Расфрлани без некој посебен ред низ големиот имот, меѓу дрвјата, тие ги привлекуваат посетителите во Националниот парк Кернгормс и во Абердиншир.
Покрај мистичните споменици, тука се наоѓа и кралската летна резиденција со 167 соби, сала за балови, двор со штали, градина и лавиринт. На поширокиот имот има куќи, хидроелектрана, терени за лов на елени и тетреби, како и терен за голф.
- Според Јуен Камерон, професор по шкотска историја на Универзитетот во Единбург, повеќето од нив ги нарачала кралицата Викторија за да одбележи значајни настани во животот на нејзиното семејство, вклучувајќи ги и браковите на нејзините девет деца. Спомениците посветени на принцот Алберт Едвард, принцезата Алис, принцот Артур и принцезата Беатрис, меѓу другите, сочинуваат еден вид семејна мапа по шумските ридови.
Најпознатиот споменик во шумата Балокбуи е гранитната пирамида на принцот Алберт, која кралицата Викторија ја подигнала во 1862 година, по смртта на својот сакан сопруг, за што сведочи и посветата. Со димензии од 12,5 x 12,5 метри, оваа спектакуларна скулптура не е нешто што би очекувале да го најдете таму. Смртта на принцот тешко ја погодила Викторија, која до крајот на својот живот носела црнина и тагувала по него.
Сите 11 споменици на имотот Балморал, вклучувајќи ја и пирамидата на принцот Алберт, се достапни исклучиво пеш, па затоа треба да се внимава на изборот на удобни обувки и на променливата шкотска клима. Замокот и имотот се затворени за јавноста кога кралското семејство престојува во резиденцијата (обично во август). За влез во непосредниот простор околу замокот Балморал, потребен е билет, но поширокиот имот е достапен бесплатно преку патиштата и шумските патеки.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia