X
 09.11.2022 Живот

Невидливите и заборавени деца родени како резултат на силување за време на војната во Босна и Херцеговина

Ајна Јусиќ од Сараево на 14 години прочитала детален опис на повеќекратните силувања на нејзината мајка и сите трауми низ кои поминала потоа, заедно со последната реченица во извештајот - дека забременила од еден од нејзините силувачи и го родила тоа дете.

Во извештајот стоело името на детето, односно нејзиното име.

- Ова беше целосна траума и затемнување на свеста - се сеќава Ајна една деценија подоцна. Иако таа не била во војната, ја почувствувала таа воена шлаканица.

Четири години подоцна, кога наполнила 18 години, од другата страна на Европа, Лејла Дејмон дознала слична вистина. Лејла била посвоена како бебе од брачен пар од Велика Британија, новинари кои известувале од Босна за војната. Таа знаела дека е посвоена, но дури кога станала полнолетна ѝ кажале дека мајка ѝ ја дала на посвојување за да не ја задави.

- Тоа е прилично чуден концепт за размислување - да те повреди некој што не си го ни запознал - вели Лејла.

За време на војната во Босна и Херцеговина, која траеше од 1992 до 1995 година, според процените на Обединетите нации, биле силувани и сексуално злоупотребени меѓу 12.000 и 50.000 жени.

Се проценува дека неколку илјади деца се родени по силување, иако официјални податоци не постојат.

Босна и Херцеговина нема регистар на овие деца, но Ајна и Лејла се членови на првата организација во светот која ги зближува, наречена „Заборавените деца на војната“.

Организацијата е основана во 2015 година од психијатарот Амра Делиќ.

- Дури и во тоа време зборувањето за деца родени поради војната беше табу - вели Делиќ.

Седум години подоцна Босна и Херцеговина би можела да стане првата земја во светот што ќе додели статус на цивилни жртви на војната на децата родени од силување за време на војната. Јавната расправа за промена на законот што ќе го овозможи тоа во Босна и Херцеговина, еден од двата ентитети во земјата, заврши на 21 септември 2022 година.

Дали законот ги штити децата жртви на силување?


Босна и Херцеговина е поделена на два ентитети - Федерација на БИХ, во која живеат претежно Бошњаци и Хрвати, и Република Српска, во која живеат претежно луѓе од српска националност.

Постои и посебен округ Брчко, кој се наоѓа на североистокот на земјата, кој подлежи на посебни прописи.

Законот за цивилни жртви на војната беше донесен во Федерацијата во 2006 година, а жртвите на силување и сексуална злоупотреба се признаваат со закон и добиваат месечен надомест.

Во округот Брчко, две години подоцна беше донесена Одлуката за заштита на цивилните жртви на војната.

Слично законско решение како во Федерацијата постои и во Република Српска од 2018 година. Сепак, децата родени од силување првпат беа признати со законодавството во областа Брчко во текот на летото 2022 година. Иако симболично беа запишани во законот, тие не добија никакви права.


vojna
Фото: BBC
Приказната на Ајна

Ајна тајно ги барала документите на нејзината мајка од војната бидејќи ја мачела помислата кој ѝ е татко речиси целото детство. Нејзината мајка никогаш не ѝ кажала, Ајна не прашала, но знаела дека нешто не е во ред.

- Сите деца го знаеја името на таткото, само јас не - раскажува Ајна.

Ајна денес е 29-годишна млада жена, психолог, која живее во Сараево и ја води организацијата „Заборавените деца на војната“.

- Претпоставувам дека ми требаа информации за да се помирам со сите ужаси на мојот живот - објаснува таа.

Како што вели, ужасите почнале уште пред да се роди. Во 1992 година, мајката на Ајна била силувана од војници на хрватската армија во градот Заводовиќи во централна Босна. Мајката останала бремена во првата безбедна куќа во Босна за преживеани од сексуално насилство. Имала само 22 години. Првите години Ајна ги поминала во безбедна куќа, меѓу 150 жени жртви на силување и сексуална злоупотреба. По неколку години нејзината мајка се вратила во родниот крај со дете, но без маж.

Во поголемиот дел од детството Ајна не разбирала зошто соседите и познајниците ја навредувале мајка ѝ и ѝ велеле дека е промискуитетна и дека треба да се срами.

- Верувам дека денес, ако жена се врати во мал град со бебе без сопруг, иста би била реакцијата - вели Ајна.

Ајна имала тешко детство и се соочувала со врсничко насилство поради озборувањата. Затоа, таа и нејзината мајка и очувот постојано се селеле.

- Очувот ми беше светла точка. Тој е најдобриот пример како човек треба да се однесува со некој што по траума ги доживува ужасите на околината.

Вистината ја открила откако се преселила во Зеница, каде што била средношколка. Кога се запишувала во средно, службеничката прашала за името на нејзиниот татко, па откако Ајна ѝ кажала дека е мртов, барала потврда. Така, нејзината мајка отишла во училиштето за да разговара со службеничката.

Но, вториот пат мајка ѝ не била во близина да ја спаси. Професорот по историја пред целиот клас ја прашал за името на нејзиниот татко. Таа отворено кажала дека не знае. Рекла дека како замена може да го понуди името на нејзиниот очув. Тој бил пресудниот момент кога одлучила дека мора да ја дознае вистината.

Вистината


Самата го почнала процесот на откривање на вистината. Таа барала стари документи. Еден ден го пронашла првиот дел од одговорот: изјави за преживеано насилство од безбедна куќа, полициски служби, медицински одбор.

- Јасно беше кажано дека мајка ми подоцна забременила и подоцна родила дете по име Ајна Јусиќ - раскажува таа. Соочувањето со нејзината мајка бил најтешкиот момент во нејзиниот живот затоа што се плашела дека ѝ е потсетник за она што ѝ се случило на нејзината мајка.

Приказната на Лејла


И Лејла Дејмон има 29 години и се интересира за психологија и верува во терапија со разговор. Таа живее во Манчестер, северно од Лондон. Пред 11 години дознала за вистината за нејзиниот живот токму од нејзините родители кои ја посвоиле: дека нејзината мајка била силувана и дека немала сила да го задржи детето.

На почеток не сакала да ја запознае својата биолошка мајка од страв повторно да не ја одбие. Но, една година подоцна се премислила. Се допишувале некое време, па договориле средба во живо. Во 2017 година конечно се запознале, а денес имаат добри односи.

Сиромаштија и депресија


Ајна ги завршила студиите во Сараево, без државна помош. Работела, па така ги подмирувала трошоците. За разлика од децата чии родители загинале во војната, според законите во Босна, таа немала право на посебни стипендии за време на школувањето, приоритет при добивање стан, психолошка и дополнителна здравствена заштита.

- Како дете кое се родило поради воено силување, бев целосно невидлива, а сепак толку специфична. Децата како мене пораснаа без поддршка и помош од општеството, некои од нив се и емотивно запоставени и живеат во екстремна сиромаштија - вели таа.

Овие деца се соочуваат и со зголемен ризик од развој на ментални нарушувања, како депресија и посттрауматски синдром, додава таа.

Ајна и Лејла сега се надеваат на ново законско решение - кое треба да се донесе со промена на законот во Федерацијата. Според нацрт-законот, кој беше едногласно усвоен во летото 2022 година, на децата родени од силување првпат во светот ќе им бидат дадени права како цивилни жртви на војна. Освен тоа, тие испратиле барање за промена на сите документи каде што се бара името на таткото.

На прашањето дали Ајна би се согласила да го запознае нејзиниот татко, таа вели дека никогаш не би го направила тоа.

- Само ако треба да бидам присутна за време на пресудата за сето она што го направил - вели таа.

Извор: BBC
Фото: ВВС
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот