Во фасцинантно истражување научници ја откриле најмалата возраст на која некоја личност може логично да размислува, а тоа е 12 месеци. Со децении психолозите мислеа дека јазикот е неопходен и есенцијален индикатор за инференцијалното мислење - сложената способност за читање меѓу редови.
Фото: Pixabay
Во 2014 година
експериментите на видни развојни психолози покажале дека таквото мислење започнува на возраста меѓу три и пет години. Психологот Николо Чесана Арлоти, постдокторски соработник на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, смета дека возраста можеби е многу помала.
- Ако размислувате логично, можете да носите заклучоци, можете да добиете докази кои инаку би биле тешки за добивање - објасни тој.
Психологот додава дека тие се водени од верувањето дека логичното размислување можеби игра важна улога во целата слика на мозокот на бебето. По сè изгледа тој и неговите колеги имале право.
Во студија објавена минатата недела во журналот „Сајенс“, Арлоти и неговите колеги опишуваат како утврдиле дека бебињата можеби имаат способност за носење заклучоци врз основа на заклучоци и резонирање. Во нивниот експеримент биле вклучени 144 бебиња, од кои половината биле на возраст од една година, а половина на 19 месеци, но ниедно не зборувало.
Децата седеле во скут кај мајките, кои седеле смирени и со превез на очите за да не можат бебињата да забележат некои ненамерни фацијални експресии. Анимирани секвенции потоа биле пуштени на индивидуален монитор. Секоја група ја гледала истата анимација во која имало виртуелни објекти, како чадор, цвет, смајли и диносаурус ставени пред црн екран. Врвовите на сите биле нацртани да бидат исти и кога два објекта (на пример, чадорот и смајлито) одлетале зад екранот, се гледале само врвовите.
Одеднаш една шолја собира еден објект (бебето не може да види кој) и се придвижува во предниот дел од екранот. Повторно се гледа само врвот од објектот. Во овој момент црниот екран се трга и се открива објектот што е одзади, кој, да речеме е чадорот. За да се тестира логичкото размислување на бебињата, нивната способност да се донесе заклучок преку процес на елиминација дека смајлито мора да е во шолјата, истражувачите направиле трик.
Наместо смајлито, во шолјата се појавил уште еден чадор. Секое бебе, без оглед на која возраст е, реагирало така што гледало подолго време во шолјата. Немало разлика меѓу двете групи.
- Тоа е класична парадигма. Кога нешто неочекувано се случува, бебето гледа подолго бидејќи неговите очекувања се прекршени - истакнува Арлоти.
Но, психологот Лиза Ојекс од Центарот за ум и мозок на Универзитетот во Калифорнија се прашува дали има и друго објаснување. Можеби бебињата гледаат подолго во шолјата едноставно затоа што гледале два различни објекта како излегуваат од зад екранот.
- Тие настани се многу комплицирани и би било многу тешко за бебе да ја следи секвенцијата на дејствијата и да ја одржува информацијата во меморијата во текот на целиот настан. Можно е интерпретацијата на авторите да е точна, но нивната интерпретација не е единствената - вели таа.
Дополнителен доказ за теоријата, според истражувачите, може да се најде во мерењата кои тие ги направиле на проширувањето на зениците на бебињата во текот на експериментот. Во периодот измеѓу, кога двата објекта се појавиле од зад екранот и кога била откриена содржината во шолјата, тие откриле дека зениците на бебињата се прошириле и нивното внимание се префрлило на шолјата. И проширувањето и насочувањето на вниманието изгледа ја поддржуваат идејата за инференцијалното мислење, заклучуваат тие.